Германија планира да го заостри законот за престој

Бундестаг / Фото Слободен печат / Борјан Бојчев

Германската Влада планира да го интензивира протерувањето на лицата кои немаат право на престој во Германија, соопшти министерката за внатрешни работи Ненси Фесер по синоќешниот владин состанок во Берлин.

– Ќе се погрижиме луѓето кои немаат право на престој во Германија побрзо да ја напуштат нашата земја, рече таа.

Според неа, протерувањето на оние кои немаат право на престој во Германија е неопходно за да можат да ги исполнат обврските кон оние на кои навистина им е потребна хуманитарна помош и заштита.

– Заострувањето на законот е неопходно за да можеме да продолжиме да ја исполнуваме нашата одговорност кон луѓето кои бараат заштита од терор и војни, како што е, на пример, случајот со над 1,1 милион бегалци од Украина, додаде министерката која е членка на социјалдемократите.

Целта на предлог-законот, кој допрва треба да помине во собраниска процедура, е да се намалат моменталните отежнувачки околности кои стојат на патот за поефикасен процес на протерување од Германија.

Така, притворот што и претходи на депортацијата би можел да трае 28 дена наместо досегашните 10. Дополнително, полицијата би можела да бара лица на списокот за депортација во засолништа за бегалци и да влегува во простории за сместување на други жители на прифатилиштата, а не само во оние за кои се трага.

Протерувањето повеќе нема да се најавува, затоа што во минатото многумина се засолнуваа на непозната адреса пред протерувањето, а може да се прегледаат мобилни телефони и компјутери за да се потврди државјанството на лицето кое треба да биде протерано.

Депортациите честопати не успеваат затоа што луѓето на кои не им е даден статус на бегалец или чие барање за азил е одбиено ги уништуваат нивните лични документи и одбиваат да дадат информации за нивното потекло, па властите не можат да одредат во која земја некој треба да биде протеран.

Ќе бидат отстранети и законските пречки за да се овозможи побрза депортација на луѓето кои го прекршиле законот или лицата кои се сметаат за опасни поради нивната екстремистичка позадина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот