Фото: Приватна архива

Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Ајвар

Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.

Бобе денеска споделува рецепт за најомилениот зимски деликатес во Македонија – ајвар.

– Ајварот е дел од нашата традиција и семејна историја. Овој рецепт ми е пренесен од баба ми, а сега и моите деца знаат како да го подготвуваат. Секое лепче намачкано со ајвар, носи спомени на топли семејни моменти и традиции. Се надевам дека и вие ќе ги откриете убавините на овој класичен рецепт и ќе создадете свои спомени – порачува Бобе.

Фото: Приватна архива

Состојки:

– 10 кг црвени пиперки
– 700 мл масло за јадење
– 250 мл оцет
– 50 грама шеќер
– сол по вкус

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Пиперките се печат и топли се ставаат во најлон за да се лупат лесно. Кога ќе се изладат, се лупат и се чистат од рачките и семките. Така исчистени се редат во цедалка да се исцедат најмалку три часа. Потоа исцедените пиперки се мелат.

Во длабоко тенџере се сипуваат маслото, оцетот и шеќерот да зовријат, па во нив се ставаат мелените пиперки. Ајварот се пржи околу 30-40 минути со непрекинато мешање. Пред крај се додава сол по вкус.

Топлиот ајвар се става во топли тегли, теглите се затвораат со капаци и се оставаат да се изладат. Потоа се складираат во просторија за чување зимница.

Ајварот не е само деликатес, туку и симбол на заедништво. Подгответе го со љубов и споделете го со вашите најблиски.

На здравје!

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот