
Гаши: Независноста не е подарок, туку завет кој треба да се негува и пренесува
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска во Собранието организираше прием по повод Денот на независноста – 8 Септмеври. Тој во своето обраќање упати порака за единство, сплотеност и визија за иднината на Македонија.
Препорачано
Гаши ја нагласи важноста на суштинската сплотеност меѓу граѓаните, почитување на различностите и градење на заедничка иднина без поделби.
-Главната порака што сакам да ја упатам на оваа годишнина од независноста е сплотеноста. Ние, како млада држава, имаме потреба од многу нешта, но мислам дека пред сè и најмногу ни е потребна сплотеноста. Не униформна и погодна, туку суштинска сплотеност. Таа што ги почитува разликите и истите ги претвора во богатство, а не во поделба. Секој од нас треба да почувствува одговорност да не поттикнува поделби, туку да гради мостови, да не ја користи разликата како ѕид, туку како прозорец преку кој се гледаме поблиску еден со друг, рече Гаши.
Тој нагласи дека по 34 години државност „време е Северна Македонија да се издигне на нивото што го заслужува“.
-Можеби по големина ние сме мала држава, но, сме голема по можности, аспирации и амбиции. Ние сме центарот на балканот и е време овој центар да зрачи со стабилност, култура, знаење и вредности, како што зрачеше и во нашето богато минато. Значајно и за нас и за целата човечка цивилизација, потенцираше Гаши.
Независноста не е подарок вели Гаши, туку завет кој треба да се негува и пренесува.
-Независноста не е подарок, таа е завет – завет од минатото, обврска за сегашноста и патоказ за иднината. Таа е завет оваа земја да биде наш заеднички дом, татковина на сите нејзини луѓе, без поделби и без исклучоци. Таа е завет разликите да не нè разделуваат, туку да нè зближуваат, да нè збогатуваат, да нè прават посилни. Овој завет нè обединува и денес, и ќе нè води и утре – кон поголема слобода, кон правда и кон заедничка иднина во која секој човек ќе се чувствува свој на своето, порача Гаши.