Африм Гаши Фото: Собрание

Гаши на чекор до кривична пријава и до нова интерпелација

Лидерот на Левица и претседател на Анкетната комисија Димитар Апасиев апелира Гаши да не го послуша мислењето на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетски прашања, со кое се бара тој да определи матична комисија на која ќе се расправа за аерозагадувањето, наместо расправата да биде на Анкетната комисија. Во спротивно, Апасиев најавува „правни последици“ за Гаши

Претседателот на Собранието Африм Гаши е на чекор до кривична пријава и до нова интерпелација, но и да заврши пред Уставен суд и Антикорупциска ако ја суспендира надзорната расправа за аерозагадувањето во Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните и го прифати барањето на владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ расправата да биде во друга комисија.
Лидерот на Левица и претседател на Анкетната комисија Димитар Апасиев апелира Гаши да не го послуша мислењето на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетски прашања, со кое се бара тој да определи матична комисија на која ќе се расправа за аерозагадувањето, наместо расправата да биде на Анкетната комисија. Во спротивно, Гаши ќе се соочи со правни последици.

– Ќе побараме интердиктна заштита од Уставниот суд за спречување политичко дејствување во Собранието, нешто што поранешниот уставен судија, а сега пратеник, Сали Мурат, веќе доби таков случај. Ќе побараме од ДКСК поништување на мислењето поради судир на интереси кај претседателот на комисијата и гласач Миле Левков, и ќе поднесеме кривична пријава за спречување службено лице во вршење службено дејство, оти ова што јас морам да го спроведам на 25 февруари е деловничка и законска обврска, а не само деловничко право. Апелирам до Гаши да не се дрзнува под никакви услови да поништи легален процес на закажување на надзорна расправа – рече Апасаиев.

Димитар Апасиев Фото: Принтскрин

Според него, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ го саботираат процесот на одржување надзорна расправа за аерозагадувањето. Апасиев се сомнева дека опструкцијата е зашто власта не сака тој да претседава со надзорната расправа, но и дека во заднина се коруптивни интереси.

– На надзорната расправа првпат се поканети претставници на Цементарница, кои во својство на сведоци ќе треба да одговараат за отпадот наводен кои тие го согоруваат, а тие фигурираат како донатори на градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. Се сомневаме дека стојат бизнис-релации за саботирање на оваа расправа – рече Апасиев.

Апасиев нема намера да ја откаже надзорната расправа и веќе се поканети 40 учесници, меѓу кои премиерот, министрите за животна средина и за енергетика, државни инспекторати, директорот на пулмологија, градоначалничката на Скопје, советници, градоначалници, директори на УСЈЕ, експерти и професори, екоактивисти, истражувачки новинари. Пратениците може да ја дополнат листата на учесници во надзорната.

ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ побарале да се определи друго матично тело за расправа

Паралелно со надзорната што веќе е закажана за 25 февруари, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ побарале Гаши да определи матично тело за надзорна расправа за аерозагадувањето.

– Надзорна расправа во Собранието ќе се случи, но ќе се случи во организација со целосно почитување на одредбите од Деловникот. Ова барање е 99 отсто исто со барањето на СДСМ и Левица, со една клучна разлика, што нашето барање го имаат потпишано 61 пратеник, но бараме од претседателот на Собранието, во согласност со одредбите во Деловникот, да утврди матично работно тело на кое што оваа надзорна расправа ќе се одржи – рече Бојан Стојановски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Бојан Стојаноски ВМРО-ДПМНЕ Фото: Принтскрин

И тој ги покани опозициските пратеници да дојдат на надзорната расправа, како и да поканат гости, да ги отворат сите прашања што сметаат дека треба да ги отворат.

– Ние сметаме дека таа надзорна расправа, со сите оние одредби што ни ги дава Деловникот, треба да заврши со утврдување на одговорност на сите оние што изминатите години не направиле ништо за да се борат против аерозагадувањето. Ние нема да учествуваме во политички организирани расправи кои треба да фрлат гума за спасување некому и да му ја спасуваат политичката кариера – рече Стојановски.

Од одлуката на Гаши ќе зависи дали за аерозагадувањето ќе има една или две надзорни расправи, зашто ни Апасиев, ни ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ не отстапуваат. Но, од одлуката на претседателот на Собранието ќе зависи и дали тој ќе се соочи со правна одговорност.
Од друга страна, отворено е и прашањето кога опозицискиот СДСМ и коалицијата ќе поднесат нова интерпелација на собранискиот спикер за Законот за бранителите.

– Вчерашното одбивање да се стави на дневен ред законот за бранителите и со тоа да се задолжи претседателот на Собранието Африм Гаши да закаже седница, го покажа лицемерието на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Сè уште собраниската процедура е во рамки на Комисијата и ќе инсистираме да продолжи, да се донесат соодветни заклучоци. Сите демократски механизми и опции за СДСМ се отворени – велат од партијата на Венко Филипче.

СДСМ: Двојни аршини на Гаши

Апасиев смета дека има коалициски договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди за предлог-законот за бранители никогаш да не стигне на дневен ред.

Јован Митрески, пратеник од СДСМ/Фото: МИА

СДСМ вчера ги обвини пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ дека се против решавање на статусот на бранителите. СДСМ на Комисијата за деловнички прашања побара на дневен ред да се стави барањето со кое ќе се задолжи претседателот на Собранието да закаже седница за законот за бранителите, но власта гласаше против. СДСМ укажа на двојните аршини на Гаши кога станува збор за закажување на комисии кои претседателите на работните тела одбиле да ги свикаат.
Гаши, лани, во септември, ја преживеа интерпелацијата поднесена од Левица. Интерпелацијата за работата на собранискиот спикер беше поднесена поради трите случаи во кои беше инволвиран Гаши, и тоа исламската молитва во Собранието за жртвите од Сребреница, за инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи, во кој беше вмешано неговото обезбедување, како и поради свадбарската колона во Косово, во која тој се најде со службено возило, придружуван од други возила и без да поминат гранична контрола.
Од СДСМ и коалицијата велат дека ако Гаши повторно се соочи со интерпелација, нема да му дозволат да „побегне“ како при првата интерпелација кога по обраќањето од собраниската говорница претседателот ја напушти пленарната седница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот