
Фридом хаус: Македонија бележи назадување во владеење на правото и борбата против корупција
Од Фридом хаус пишуваат дека „националистичката партија на Груевски ја опструираше работата на парламентот“ додека беше опозиција и дека сега е фаворит да победи на претседателските и парламентарните избори во 2024 година
Најновиот извештај на Фридом хаус – „Државите во транзиција“ забележува дека во Македонија има назадување во владеењето на правото и борбата против корупцијата. Во извештајот се наведува дека во земјава е присутна дологтрајна корупција на високо ниво, а се потенцира и судирот на партиите околу уставните измени потребни за да се надмине бугарското вето за пристапување на земјата во Европската Унија.
Препорачано
Фридом хаус ја става државата во групата „циклични хибриди“ – што се карактеризира со редовни промени во владејачката елита која не дозволува со време да дојде до суштинска структурна промена.
Се работи за комбинација на реален политички плурализам и површни институционални промени, објаснуваат од Фридом Хаус.

-Во Северна Македонија, надежите што се зголемија во 2017 година по соборувањето на антидемократскиот премиер Никола Груевски допрва треба да се остварат. За разлика од Украина или Молдавија, Северна Македонија не презеде големи чекори за елиминирање на корумпираните покровителски мрежи, а моќта продолжи да осцилира меѓу коалициите на истата група партии, како што тоа го правеше со децении, се вели во извештајот.
Од Фридом хаус пишуваат дека „националистичката партија на Груевски ја опструираше работата на парламентот“ додека беше опозиција и дека сега е фаворит да победи на претседателските и парламентарните избори во 2024 година.

-Ниту Груевски, ниту неговите најблиски соработници не беа изведени пред лицето на правдата за нивните злоупотреби на функцијата пред 2017 година. Уште полошо, контроверзните измени на кривичниот законик во 2023 година ги намалија казните за таквите злоупотреби, предизвикувајќи исфрлање на историските случаи додека јавноста веќе се оптеретуваше од фатални корупциски скандали во здравството. Годината, исто така, имаше поларизирачка парламентарна дебата за уставните амандмани кои беа потребни за укинување на ветото на Бугарија на кандидатурата на земјата за пристапување во ЕУ, се додава во извештајот.
Дефинитивната карактеристика на цикличните хибриди, од Фридом хаус потенцираат дека е комбинација на вистински политички плурализам и површни институционални промени.

-Тие имаат тенденција да заостануваат во однос на реформите насочени кон воспоставување силни бариери помеѓу јавниот сервис и приватната добивка. Затоа е од суштинско значење да се промовираат антикорупциски механизми и судски реформи во овие земји, а процесот на пристапување во ЕУ има важна улога во овој поглед, се додава во извештајот.