Француските читатели денес уживаат во весникот кој излегува само на 29 февруари

Ла Бужи ду Сапер „La Bougie du Sapeur“ / Фото Patrick HERTZOG / AFP / Profimedia

Единствениот весник во светот кој излегува на секој четири години повторно се појави на киосците низ Франција со објавувањето на новиот број на сатиричниот Ла Бужи ду Сапер „La Bougie du Sapeur“. Интересното за таблоидот од 20 страници е што излегува само на 29 февруари, односно само во престапните години.

Првото издание било во 1980 година, а ова е негов дванаесетти број. Создаден од група пријатели кои „сакале да се насмеат“, Ла Бужи ду Сапер (Свеќата на Сапер) има тираж од 200.000. Неговата цена е 4,90 евра, пренесува Би-Би-Си.

„Откако првото издание беше распродадено за два дена, продавачите на весници бараа повеќе примероци – затоа рековме добро, но само на секој четири години! Весникот сè уште го објавуваат неколку пријатели. Се среќаваме во бар и фрламе идеи за теми кои ќе ги пишуваме. Многу ни е интересно, а ако тоа му е интересно и на читателот, тоа е шлагот на тортата“, вели уредникот Жан д’Инди.

Весникот најпрво започнал со делови за политика, спорт, меѓународни работи, уметност, загатки и забавни теми. Но, написите се дизајнирани како хумористични коментари. Насловот на ова издание, „Сите ќе бидеме интелигентни“, е за приказната за тоа како испитите и интелектуалните достигнувања се вишок од вештачката интелигенција.

Втората главна приказна, насловена „Што мажите треба да знаат пред да станат жени“, објаснува кои се „предизвиците“ со кои се соочуваат мажите кои сакаат да станат жени.

„Тоа е француски хумор и не се преведува на други јазици“, вели д’Инди. „Се обидуваме да бидеме глупави, но не и гадни. Да се ​​насмееме без да бидеме сурови“.

На страниците каде се коментира меѓународната политика има кратко парче кое ги потсетува Французите кој бил „најзаборавниот“ од современите британски премиери – Лиз Трас.

А во спортот, уредниците препорачуваат создавање на наградата Винстон Черчил за првиот човек што ќе биде елиминиран на Олимписките игри. Ова врз основа на тоа што мотото на Черчил – според весникот – било „Нема спорт“.

Ла Бужи ду Сапер е именуван по една од најраните француски цртани фигури, Ле Сапер Камемберт. Тој бил војник кој се појавувал во стрипови за животот во војската во 1890-тите. Весникот не се објавува на интернет и може да се купи само во продавници и киосци за весници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот