
„Француски предлог плус“ за одложено дејство на уставните измени
Во Брисел нема некаков позитивен одѕив и би рекол не се баш среќни од ваквите предлози од македонска страна. Но, да бидеме искрени, задоволни се што гледаат посветеност и проактивност од македонската Влада за да се излезе од сегашната ситуација. Добро е да се има конструктивни решенија – коментираат извори од Брисел за „Слободен печат“.
„Француски предлог плус“ е едно од решенијата што ги нуди македонската Влада за излез од ќор-сокакот во кој се најдовме на патот кон Европската Унија. Ова решение, според неофицијалните информации од МНР, предвидува одложено дејство на уставните измени, поточно нивно носење, со тоа што ќе стапат во сила на крајот од преговарачкиот процес.
Препорачано
Токму оваа идеја ќе им биде понудена на европските соговорници во Брисел за време на посетата на премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски што ќе се реализира на 18-ти и 19-ти овој месец.
Оваа идеја, како што велат од МНР, не е формален предлог, но повеќепати е кажувана јавно.
– Свесни сме дека треба дијалог, да нудиме решение. Имаме нешто што е проблем, но и опасна практика на штета на проширувањето – велат извори од МНР.
На забелешката дека пораките што стигнуваат од Брисел не се баш оптимистички дека вакво решение би се прифатило, од МНР коментираат со зборовите: „Ова прашање е во надлежност на Европската комисија, но и на земјите членки“.
Извори од Брисел за „Слободен печат“ велат дека е добро што македонската страна е посветена на наоѓање решение и што е активна, но условот се знае.
– Во Брисел нема некаков позитивен одѕив и би рекол не се баш среќни од ваквите предлози од македонска страна. Но, да бидеме искрени, задоволни се што гледаат посветеност и проактивност од македонската Влада за да се излезе од сегашната ситуација. Добро е да се има конструктивни решенија – коментираат нашите извори.
Истовремено потсетуваат дека условот за Македонија да ги почне преговорите по кластери и поглавја е да се донесат уставните измени и да се вклучат Бугарите во Уставот. Овој услов го има и во Преговарачката рамка и во заклучоците на Европскиот совет и за да се прифати предлогот на Македонија, тие ќе мора да се сменат.
На оваа забелешка од МНР објаснуваат дека „заклучоците на Европскиот совет не мора да се сменат од правен аспект“. Притоа аргументираат и дека „пред граѓаните во текот на кампањата ветувале дека активно ќе нудат решение“. Што се однесува до фактот дека Бугарија веќе одби ваков предлог од македонска страна и континуирано го одбива, ставот на високи претставници во МНР е дека „во Софија нема политичка влада, па во овие услови не сме подготвени да одиме напред“.
– Ние имаме обврска да ги убедиме земјите членки дека премногу концесии се направени и не сме сигурни дека ова со уставните измени е последната концесија. Точно е дека меѓучовечките односи со Бугарија се влошени и не мислам дека ќе биде лесно да се стигне до решение. Претходно лесно, без задршка се прифаќаше сѐ што е нудено од другата страна – изјави висок извор од МНР, според кого евроинтеграциите и членството во ЕУ се клучен нереализиран надворешнополитички приоритет, но потребна е внимателност да не се избрзува во носење на одлуките.
Во контекст на односите со Бугарија е и проблемот што искрсна со дипломатскиот скандал во Софија кога претседателите Гордана Сиљановска Давкова и Румен Радев во претседателската палата во Софија се поздравија и се сликаа пред бугарското знаме, без да биде истакнато македонското знаме.
Според објаснувањата од МНР, станува збор за протоколарен пропуст од бугарска страна.
Пред средбата, како што велат оттаму, сè било договорено меѓу кабинетите на двајцата претседатели и македонската амбасада во Софија. Била договорена заедничка средба и фотографирање само во работниот дел од канцеларијата на бугарскиот претседател. Но, нивниот протокол отстапил од договорено и се случи тоа што се случи.
Договорот меѓу протоколите на двајцата претседатели бил да има тет-а-тет средба и заеднички ручек, на кој имало и македонско знаме, а за сликањето без знаме е одговорна бугарската страна, која отстапила од договореното. Токму затоа се бара извинување.
– Треба да се знае дека неевропски е кога некој ќе го прекрши протоколот и нема да се воздржиме да одговориме на соодветен начин – додаваат од МНР.
Иако можел веднаш да реагира на фотографирањето без македонско знаме, министерот Тимчо Муцунски, кој беше дел од делегацијата, ја одложил реакцијата за првиот работен ден по посетата. Од МНР ваквата одлука ја објаснуваат со „почит кон Бугарија поради авионската несреќа, во која загинаа двајца пилоти“.
– Имаше консултации, но министерот не реагираше јавно за време на посетата од почит оти фотографирањето беше само неколку часови по авионската несреќа во Бугарија, во која загинаа двајца пилоти. Беше оценето дека е несоодветно јавно да се реагира поради трагедијата – уверуваат од Министерството за надворешни работи.
Сепак, оттаму не објаснија зошто веднаш не реагирал македонскиот протокол, туку го дозволиле фотографирањето.
Претседателот на Бугарија Румен Радев за овој настан рече дека ова не било ниту државна ниту работна посета на претседателката Сиљановска-Давкова.
– Нека биде јасно, ова не беше ниту државна ниту работна посета и се надевам дека во блиска иднина претседателот на Република Северна Македонија ќе оствари државна посета, која ќе биде со сите официјални церемонии по протокол, и тоа ќе придонесе и за нашите односи – изјави Радев и додаде дека средбата во Софија била конструктивна и со добар тон, како и дека добил покана за посета на Македонија.