
ФОТО+ВИДЕО | По 109 години: Неверојатно богатство извлечено од потонатиот сестрински брод на Титаник
Од остатоците на Британик, сестринскиот брод на познатиот Титаник, археолозите неодамна извлекоа вистинско богатство од артефакти, соопшти Министерството за култура на Грција.
Препорачано
Бродот бил изграден во бродоградилиштето на компанијата „Вајт стар лајн“ како луксузен патнички брод, но за време на Првата светска војна бил реквириран и претворен во болнички брод. По успешно завршените мисии за превоз на ранети луѓе, на 12 ноември 1916 година тргнал на своето последно патување.
Британик бил долг 269 метри и широк 28,6 метри – во тоа време најголемиот брод на Велика Британија. На своето прво патување испловил на 23 декември 1915 година од Ливерпул кон Мудрос во Грција. За време на Големата војна, тој претставувал најголем болнички брод во светот, пренесува „Дејли мејл“.
За време на последното патување удрил во подводна мина, која претходно била поставена од германска подморница (SM U-73). Тоа се случило на 21 ноември, девет дена по испловувањето, во близина на островот Кеа во Егејското Море.
Капетанот се обидел да го насука бродот на островот, но водата навлегувала премногу брзо. По 55 минути, бродот со речиси 50.000 тони исчезнал во морето.
Остатоците во 1975 година ги открил познатиот француски океанограф Жак Кусто. Денес лежат на длабочина од околу 120 метри, навалени на десната страна, во голема мера сочувани, освен огромната дупка на предниот дел.
За време на подводната експедиција во мај оваа година, единаесетчлен тим од професионални нуркачи изврши сложена операција за извлекување на предмети со непроценлива историска вредност.
Меѓу пронајдените артефакти биле бродското ѕвоно, левиот навигациски фенер, посребрени послужавници од прва класа, керамички плочки од раскошната турска бања, двоглед на еден патник, како и порцелански лавабо од кабините на втора класа. Предметите сведочат за двојната природа на бродот – како пловечка палата и воена болница.
Пронајдените предмети се сместени во специјални контејнери, исчистени од морски наслаги и транспортирани во лабораториите на Европското универзитетско здружение (ЕУА) во Атина, каде што во моментов се вршат конзерваторски работи.
Артефактите се речиси недопрени – порцеланскоот лавабо го задржал белиот сјај, додека на една керамичка плоча јасно се гледа печат со натписот „White Star Line“. Посребрените послужавници, некогаш симбол на луксуз, сега се прекриени со ‘рѓа по повеќе од еден век на дното на морето.
Предметите ќе бидат дел од постојаната поставка на Музејот на подводни антиквитети во пристаништето Пиреја, каде што ќе го сочинуваат централниот дел на одделот посветен на Првата светска војна и познатиот брод Британик.