
ФОТО+ВИДЕО | Грчката полиција разби мрежа за шверц на гориво, над милион литри бензин влегле во Грција на црно
Грчката полиција ја разби криминалната организација, при што беа уапсени 22 лица, вклучувајќи го и нејзиниот водач. Дополнително, обвиненија се поднесени против уште осум лица, а затворени се седум бензински пумпи, додека, пак, три други се под истрага.
Во текот на 2025 година, во Грција биле пласирани над 1,34 милиони литри бензин и повеќе од 212.000 литри хемиски растворувачи од страна на меѓународна криминална група, која се занимавала со шверц и фалсификување гориво и користела нелегален софтвер за измама на потрошувачите. Според проценките, добивката од овие нелегални активности изнесува најмалку три милиони евра, објави грчкиот портал Прототема.
Препорачано
Грчката полиција ја разби криминалната организација, при што беа уапсени 22 лица, вклучувајќи го и нејзиниот водач. Дополнително, обвиненија се поднесени против уште осум лица, а затворени се седум бензински пумпи, додека, пак, три други се под истрага.
Две подгрупи ја организирале целата акција
Во рамките на криминалната организација постоеле две различни подгрупи: едната се занимавала со систематски увоз на хемиски растворувачи од странство и нивно мешање со гориво, а втората се занимавала со фиктивен извоз на бензин, избегнувајќи плаќање даноци и царини, а паралелно користеле и нелегален софтвер на бензиските пумпи.
Првата подгрупа, со заменик-лидер на возраст од 50 години, се занимавала со увоз и транспорт во земјата на големи количини хемиски растворувачи со цистерни, кои се користеле за разредување на горивата што потоа се пласирале на грчкиот пазар.
Седиште на оваа група била фиктивна транспортна компанија во Солун, а растворувачите ги увезувале од наводна компанија снабдувач со седиште во Бугарија. Потоа ги прелеале привремено – главно ноќно време – во подземни резервоари на објект во областа Трикала, каде што порано функционирала бензинска пумпа.
Потоа количините се преземале од цистерни управувани од 39-годишниот водач на организацијата и завршувале во подземни резервоари на бензински пумпи, каде што се мешале со гориво.
Педесетгодишниот лидер ја водел и ја координирал оваа група, управувал со објектот во Трикала, се грижел за нарачките, транспортот и приемот на количините од странство и нивното привремено складирање во подземните резервоари. Еден 47-годишен и еден 54-годишен член биле задолжени за привремено складирање на растворувачите во подземните резервоари заедно со 50-годишниот член. Друга 47-годишна членка била управителка на бугарската снабдувачка компанија.
Објавени се видеа и фотографии од акцијата на грчката полиција за разбивање на мрежата кои можат да се погледнат ТУКА. На снимките се забележани резервоарите што ги користела криминалната организација, нелегалниот софтвер, како и стотици илјади евра кои биле откриени и запленети.
Втората подгрупа ја имала преземено систематската набавка и дистрибуција на големи количини безоловен бензин на територијата на Грција, кој пристигнувал од Романија и од Бугарија.
Дејствувањето било засновано на сложена шема на фиктивен извоз кон Албанија, со фалсификувани царински документи и лажни изјави.
Пред царинските органи на Романија, Бугарија и Грција се пријавувало дека пратките биле наменети за албанска компанија, но во пракса бензинот останувал во Грција за нелегална дистрибуција, додека на хартија изгледало како извозот да бил правилно завршен.
Членовите на оваа група, по инструкции на водачот, набавувале од Италија количества нафтени масла, кои припаѓале на друга царинско-даночна класа и вид од она што било пријавувано во извозните декларации. Овие производи, кои не подлежат на акциза, формално се пријавувале како наменети за грчка компанија со адреса во Солун – фиктивна правна личност – додека во реалноста биле користени за да се „затвораат“ отворените декларации за извоз на бензин кон Албанија.
На тој начин, при поминување преку надлежното излезно царинско место на ЕУ, цистерните на домашни и странски компании презентирале различен товар од оној што бил пријавен – односно италијанскиот товар наместо бензинот – создавајќи впечаток дека навистина бил извезен безоловен бензин од Романија и Бугарија, додека во суштина вистинскиот бензин веќе бил пласиран на грчкиот пазар без плаќање даноци и царини.
Со оваа шема, мрежата постигнувала двојна корист: од една страна избегнувала плаќање законски давачки, а од друга обезбедувала привид на законитост преку лажни документи и изјави.
Тргувале со 1.350.000 литри бензин само во 2025 година – лапнале 3 милиони евра
Шефот на Дирекцијата за борба против организиран криминал при грчката полиција, Фотиос Дуицис, на прес-конференција соопшти дека претходела неколкумесечна истрага на полициските сектори во координација со Независната управа за јавни приходи. Тој посочи дека криминалната мрежа делувала во Атика, Солун, Трикала, Лаконија, Арта и во Волос и имала воспоставени врски со Романија, Полска, Бугарија и во Албанија.
Дуицис нагласи дека само во текот на 2025 година биле шверцувани над 1,34 милиони литри бензин и повеќе од 212.000 литри хемиски растворувачи, при што организацијата остварила добивка од најмалку 3 милиони евра, додека загубите за државниот буџет надминале 1,5 милиони евра.
– Би сакал да споменам една констатација заснована на едноставна пресметка што ја направив. Земајќи ја предвид количината на гориво што беше шверцувано и споменато погоре и проценувајќи дека еден обичен резервоар се полни со 50 литри, над 30.000 возила беа снабдени со шверцувано фалсификувано и дефицитарно гориво во овој период – објасни Дуицис.