
ФОТО | За 21.655 долари: Продадена пасошка фотографија на Мерилин Монро од медениот месец со Џо ДиМаџо
Потпишана фотографија за пасош на актерката Мерилин Монро, направена на денот кога заедно со својот нов сопруг Џо ДиМаџо се подготвувале за меден месец во Јапонија во 1954 година, беше продадена на аукција за повеќе од 21.000 долари, поточно за 21.655 долари.
Препорачано
Малата фотографија со димензии 5,7х7 см содржи посвета напишана со црвено мастило: „Господине Болдс, благодарам и срдачни поздрави, Мерилин Монро ДиМаџо“.
Како што објави „Њујорк пост“, парот на 29 јануари 1954 година отишол во федералната зграда во Сан Франциско за да извади пасоши за медениот месец и деловното патување во Јапонија. Но, тогаш 27-годишната Монро, со вистинско име Норма Џин Мортенсон, немала фотографија за документот, па Џо импровизирал – влегол во блиска кабина за фотографии и направил неколку копии.

Актерката потпишала една од тие копии за службеникот за пасоши, Хари Е. Болдс.
Мерилин Монро му се заблагодарила на службеникот во Сан Франциско за неговата помош, потпишувајќи се како „Мерилин Монро ДиМаџо“.
Парот, кој бил во брак само девет месеци, отпатувал во Јапонија како дел од прославата на венчавката, но и поради професионални обврски – Монро во февруари заминала во Кореја каде што настапувала пред американските војници, додека ДиМаџо соработувал со јапонски бејзбол тимови во подготовките за сезоната.
Инаку, ДиМаџо бил вториот од трите сопрузи на Монро. Првиот ѝ бил полицаецот од Лос Анџелес, Џејмс Доерти, а третиот – драмскиот писател Артур Милер, од кого се развела кратко пред смртта на 36-годишна возраст.