Фото: Facebook / National Oceanography Centre

ФОТО | Во езерото Лох Нес пронајдена камера која научниците ја оставиле пред 50 години: Еве што открија фотографиите за чудовиштето

Повеќе од 90 години езерото Лох Нес ги интригира луѓето ширум светот. Тоа е „под лупа“ на оние кои се склони кон мистерии и верување во натприродното, а сите го имаат истото прашање – дали навистина на длабочина од 230 метри живее „чудовиште“ .

Сега, познатото шкотско езеро повторно е во центарот на вниманието , по откривањето на камерата „Инстаматик“ која пред повеќе од 50 години била спуштена на дното од научниците.

Ова веројатно е еден од најраните обиди да се сними „Чудовиштето од Лох Нес“ на филм, а се верува дека пронајдениот апарат е еден од шесте оставени во 1970 година, како дел од проектот на професорот Рој Макал од Бирото за истрага во Лох Нес.

Камерата останала недопрена, заедно со филмот, благодарение на проѕирен (водоотпорен) сад. Садот со камерата бил откриен случајно, кога  бил поткачен од истражувачката подморница „Боати Мекбоатфејс“, која припаѓа на Националниот океанографски центар (НОЦ), пренесува „Дејли мејл“.

Научниците го извлекле апаратот и внимателно го развиле филмот. За жал, деталната анализа не најде никаков доказ за постоењето на „најпознатиот жител на Лох Нес“. На фотографиите се гледа само матна вода и разни отпадоци на дното.

Адријан Шајн, еден од основачите на проектот „Лох Нес“ во средината на 1970-тите, помогна да се идентификува камерата како една од оние што се користеле во проектот на професорот Макал.

„Тоа беше генијална идеја. Зедовме камера ‘Инстаматик’ со механизам на часовник и вграден блиц. Наместен беше да прави четири фотографии кога нешто ќе ја фати мамката што е оставена“, објаснил Шајн.


Тој е воодушевен што проѕирниот сад го издржал тестот на времето и го зачувал филмот.

„Иако тоа не е очекуваното откритие, ние сме среќни што овој дел од историјата на ‘Ловот на Лох Нес’ може да се сподели со светот “, изјавил Сем Смит од НОЦ.

Апаратот, проѕирниот сад и филмот се предадени на Центарот „Лох Нес“ за да можат да бидат изложени на јавноста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот