ФОТО | Во 2026 Универзална сала ќе ги отвори вратите за посетители, модернизирана, но со околу 300 седишта помалку

Универзална сала / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Во однос на забелешките од градоначалничката Данела Арсовска дека проектот е небезбеден, проектантот Бујар Муча тврди дека недостатоци на проектот во однос на безбедноста ниту имало ниту ќе има.

По една недела откако багери влегоа и почнаа да го расчистуваат просторот кај Универзална сала од целото ѓубре и од градежниот отпад оставен две години откако запре реконструкцијата, денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска најави дека реконструкцијата конечно продолжува.

Според очекувањата, градежните зафати ќе траат околу три години, па некаде кон крајот на 2026 година култната сала би требало повторно да биде отворена за посетителите.

Бисера Костадиновска-Стојчевска / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Универзалната сала има емотивна вредност за скопјани и за публиката. Таа му недостига на Скопје, им недостига на уметниците и на културните работници. Тоа го знаеме од изминатите години и не можевме и понатаму да оставиме овој објект да пропаѓа. Мотивирани токму од значењето на Универзалната сала, како и од молкот и инертноста на Град Скопје, Владата и Министерството за култура одлучија да ги преземат надлежностите за конечно да пристапиме кон реконструкција без застој и да го оспособиме објектот повторно да биде функционален – посочи министерката за култура, која додаде дека се обезбедени средства за целокупната реконструкција.

Универзална сала / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Нешто повеќе од една милијарда денари или околу 16 милиони евра е проценета вредноста за изведба на градежните зафати и за надзор за реконструкција на Универзална сала. Инвеститор е Министерството за култура, а изведувач фирмата „Универзал Балкан“, која што пред повеќе од две години беше ангажирана од Град Скопје за да го обнови објектот. Изведувачот според договорот има обврска во рок од 90 дена да ја заврши првата фаза од реконструкцијата, каде што спаѓа обновата на фасадата и покривот. Од државниот буџет за зафатите на салата за годинава се обезбедени 120 милиони денари, а за 2025 и 2026 година по 443.818.000 денари.

Ние знаеме што значи развојот на културата, а тој не е можен без овој мултифункционален објект. Оваа сала им припаѓа на сите, на уметниците, на културните дејци, и пред сè на публиката. Затоа наша мисија во следните три години ќе биде овој простор да се уреди како што му доликува на Скопје. Чест ми е, но чувствувам и голема одговорност целиот процес на реконструкција да се одвива професионално, стручно и посветено, онака како што ние настојуваме да ја промовираме културата – нагласи Костадиновска-Стојчевска.

Универзална сала / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Реконструкцијата се изведува според проектот на „Мегарон инженеринг“. Проектантот Бујар Муча објасни дека проектот е готов во сите свои фази уште од 2021 година, а сега е на располагање на изведувачите за да се заврши првата фаза, а потоа преку тендерирање да се продолжи и со она што е техничка фаза и ентериер. Според него, сцената и просторот за публика ќе бидат комплетно модернизирани, но ќе биде намален бројот на седишта за околу 300 поради новите архитектонски прописи, но и од аспект на заштита од пожари.

Универзална сала / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Во однос на забелешките од градоначалничката Данела Арсовска дека проектот е небезбеден, Муча тврди дека недостатоци на проектот во однос на безбедноста ниту имало ниту ќе има.

Проектот е двапати поминат низ сите институции што ревидираат и даваат мислење. Како и секоја реконструкција, се појави потреба од уште еден-два носачи, кои заедно со надзорот ги договоривме, го препроектиравме целиот тој дел околу статиката, повторно добивме позитивна ревизија и уште едно позитивно мислење од ИЗИИС – нагласи проектантот.

Тој не верува дека поради атмосферски влијание настанале некакви сериозни оштетувања на конструкцијата во изминатиот период додека беше запрена изградбата.

Инаку, на денешното означување на продолжувањето на реконструкцијата присуствуваа и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, доскорешниот премиер Димитар Ковачевски, како и претставници од изведувачот и од надзорот.

Универзална сала / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Реконструкцијата на Универзална сала е „главоболка“ и за Град Скопје и за Владата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот