
ФОТО | Скриени во цевка од жад: Откриени најстарите игли за акупунктура во гробница стара 2.000 години
Предмети слични на игли пронајдени во гробницата на познатиот маркиз од Хајхун во источната кинеска покраина Џијангси се потврдени како најстарите познати игли за акупунктура направени од челик. Ова откритие е клучно за историјата на традиционалната кинеска медицина, објавува „Глобал тајмс“.
Препорачано
Иглите се пронајдени во цевка од жад во лакирана позлатена кутија поставена во близина на починатиот – Лиу Хе, соборениот цар на Западната династија Хан (206 п.н.е. – 25 н.е.), подоцна познат како маркиз од Хајхун. Иглите се пронајдени на делови и биле ‘рѓосани.
– Најмалку пет парчиња игли беа видливи во скршениот дел од цевката од жад. Само една можеше да се извлече; другите останаа внатре, со траги од распаднат текстил залепени на нив – изјавил за „Глобал тајмс“ Џанг Џун, водач на тимот за ископување на гробницата.
Истражувачите, давајќи приоритет на зачувувањето на предметот, внимателно ги анализирале само фрагментите што се одвоиле природно.
Напредното тестирање покажа дека тие биле направени од челик произведен со процесот на „пржење“, клучна техника на рано производство на челик, со екстремно мал дијаметар од само 0,3 до 0,5 милиметри, споредлив со модерните игли за акупунктура.

Клучот е во тоа што дрвена плоча со натпис „Комплет од 9 игли“, пронајдена во близина, го потврдила идентитетот на предметот.
– Ова дефинитивно ги идентификува како еден од 9-те видови игли опишани во античките медицински текстови – објаснил Ванг Чунинг, истражувач на Универзитетот во Пекинг.
Експертите го истакнаа значењето на откритието бидејќи укажува на иновација во производството на челик.
– Железните игли за акупунктура лесно ‘рѓосуваат, па затоа постои ризик од инфекција. Златните или сребрените игли се премногу меки и тешко е да се направат толку тенки – рекол Џоу Чи, истражувачки соработник во Кинеската академија на медицински науки.
Тој додаде дека челичните игли овозможуваат пософистицирани техники и подолго задржување во телото, што е голем скок во споредба со алатките од камен или суров метал.
– Ова е најраниот физички доказ за постоење на челични медицински игли во Кина – изјавил за „Глобал тајмс“ Гу Ман, директор на Кинеската академија за медицински науки.
Според него, откритието докажува дека напредната технологија на производство на челик со „пржење“ веќе била применета во производството на игли за акупунктура најдоцна до времето на Западната династија Хан.
– Овој пробив во науката за материјали директно ја поттикнал еволуцијата на алатките за акупунктура и напредокот на самата медицинска пракса – рекол Гу.
Гробницата на маркизот од Хајхун, која е стара повеќе од 2.000 години, се смета за едно од најзначајните археолошки откритија во Кина во последната деценија. Лиу Хе бил деветтиот император на Западната династија Хан, но владеел само 27 дена во 74 година п.н.е., и затоа е избришан од повеќето списоци на императори.