Фото: Talamo et al., 2025, PLOS One

ФОТО | Сензационално откритие: Пронајден бумеранг стар 40.000 години во Полска

Необичен бумеранг направен од мамутски заб, кој е откриен во пештера во Полска, е стар дури 40.000 години – што го прави прв примерок на толку сложена алатка во Европа и веројатно најстариот бумеранг во светот, покажува ново истражување.

„Предметот од коска од мамут ги има сите карактеристики на бумеранг што денес го користат Абориџините во Квинсленд. Неговата закривена форма, рамно-конвексен пресек и димензии се совпаѓаат со неповратните бумеранзи од Квинсленд“, изјавил коавторот на студијата Павел Валде-Новак, археолог на Јагелонскиот универзитет во Краков, за „Лајв саенс“ (Live Science).

Новата студија, објавена во списанието „ПЛОС Уан“ (PLOS One), покажува дека закривените алатки за фрлање биле измислени во Европа многу порано отколку што се сметаше претходно.

Предметот во облик на полумесечина – долг околу 72 сантиметри – е пронајден во пештерата Облазова во јужна Полска пред 40 години, заедно со човечки коски, приврзоци од заби и камени сечила, сите покриени со црвена окер боја. Валде-Новак и неговите колеги првпат ги објавија наодите во списанието „Природа“ во 1987 година, сугерирајќи дека пештерата повремено ја користеле неандерталците и раните современи луѓе за време на средниот и горниот палеолит (пред 300.000 до 12.000 години).

Горниот палеолит (пред 50.000 до 12.000 години) е клучен период во човечката историја бидејќи тогаш луѓето развиле нови алатки, пештерска уметност и лична декорација. Во пештерата Облажова, Валде-Новак забележал јасна разлика помеѓу предметите покриени со окер и постарите артефакти од истото место.

„Според мое мислење, ова е апсолутно јасен доказ за однесувања што ни беа непознати досега – практики на раниот хомо сапиенс кои се остро различни од сè што пронајдовме во подлабоките културни слоеви на Облажова, оставено од неандерталците“, рекол Валде-Новак.

Фото: Talamo et al., 2025, PLOS One

За подобро да ја разберат хронологијата на пештерата Облажова, во 1996 година, истражувачите спроведоа анализа на јаглерод-14 на органски остатоци, вклучувајќи и бумеранг. Сепак, во тоа време, староста на бумерангот беше проценета на 18.000 години, што беше „неочекувано ниско“, и се појавија сомневања дека резултатите се контаминирани со лепила или конзерванси, според новата студија.

Според Националниот музеј на Австралија, класичните абориџински бумеранзи и стапчиња за фрлање датираат од пред најмалку 20.000 години. Овие алатки се мултифункционални – се користат за лов, борба и копање. Сепак, луѓето ширум светот правеле стапчиња за фрлање, вклучувајќи еден многу ран примерок од северна Германија кој е стар 300.000 години.

Во нова анализа на наодите од пештерата Облажова, истражувачите анализирале ДНК и радиоактивен јаглерод од коска од човечки прст пронајдена во истиот слој како и бумерангот и утврдиле дека лицето е современ човек кој живеел пред најмалку 31.000 години. Тие, исто така, анализирале десетици животински коски, но не и самиот бумеранг, „за да избегнат понатамошно оштетување на овој исклучително значаен артефакт“.

Група животински коски од истиот слој како и бумерангот е датирана на околу 41.500 години. Врз основа на оваа серија радиојаглеродни датирања и длабочината на слојот во кој се пронајдени коските, истражувачите создадоа статистички модел за староста на бумерангот и заклучија дека мора да е постар од 35.000 години и најверојатно е направен пред помеѓу 42.365 и 39.355 години.

„Нашата анализа на бумерангот од локалитетот Облажов донесе револуционерни сознанија за неговата старост“, напишаа истражувачите, позиционирајќи го овој артефакт како „веројатно еден од најстарите примероци во Европа, а можеби и во светот, што фрла нова светлина врз техничките вештини и когнитивниот напредок на хомо сапиенс во изработката на такви сложени алатки“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот