
ФОТО | Реквизитите од серијата „Игра на тронови“ на аукција: Железниот трон продаден за 1,49 милиони долари
Обожавателите на „Игра на тронови“ излегоа во голем број на неодамнешната аукција за да купат стотици костими, реквизити и други предмети од популарната серија. На крајот, сумата за која се продадени предметите изнесува повеќе од 21 милион долари (19,2 милиони евра).
Препорачано
На настанот „Херитиџ окшн“ во Далас беа претставени преку 900 предмети, вклучувајќи оклоп, мечеви и оружје, накит и неколку други значајни предмети од серијата на „Ејџ-би-о“, пренесува „Јуроњус“.

Најскапиот предмет беше токму она за што се бореа и ликовите во серијата во текот на осум сезони – Железниот трон. По шест минути наддавање, тронот беше продаден за 1,49 милиони долари (1,3 милиони евра).
Репликата е изработена од пластика и обликувана како оригиналната верзија користена за серијата, а потоа завршена со метална боја и украси на скапоцени камења. Во серијата, тронот беше кован со змејски оган кој ги стопи мечевите на илјада поразени непријатели и стана симбол на борбата за моќ во текот на целата серија.

„Херитиџ окшн“ во неделата соопшти дека настанот донел 21,1 милиони долари од повеќе од 4.500 понудувачи. Извршниот потпретседател Џо Мадалена во изјава рече дека знаел дека аукцијата ќе има одек.
„Ова се извонредни богатства направени од дизајнери на костими и реквизити наградени со Еми, кои неуморно работеа на адаптација на прекрасните романи на Џорџ Р.Р. Мартин. Луѓето сакаа парче од таа магија ‘Игра на тронови’“, рекол тој.

Покрај посакуваниот железен трон, над 30 други предмети достигнаа шестцифрени цени.
Мечот со потпис на Џон Сноу, кој го користеше Кит Харингтон, беше продаден за 400.000 долари (околу 366.000 евра), а неговата облека за „Ноќна стража“, со тешка наметка, чинеше 337.500 долари (308.000 евра). И двете ставки предизвикаа продолжени „војни“ за наддавање.

Почетните понуди се движеа од 500 до 20.000 долари, но неколку артикли се продадоа за илјадници долари. Таков беше случајот со неколку наметки кои ги носеа Емилија Кларк како Денерис Таргариен и Лена Хајд како Серсеј Ланистер. Сивата наметка од велур што ја носеше Денерис беше продадена за 112.500 долари (102.000 евра), точно 100.000 долари повеќе од почетната понуда, додека црвениот кадифен фустан што го носи Серси на нејзиното последно појавување во серијата, беше за 137.500 долари (125.100 евра).

Оклопите исто така се покажаа популарни, особено кога го вклучуваа бараното оружје. Црниот кожен оклоп на Џејми Ланистер беше продаден за 275.000 долари (251.000 евра), оклопот што го носеше ликот Грегор „Планината“ Клегејн е продаден за 212.500 долари (194.500 евра).