Ретка „мегалографија“ на која е прикажан древен ритуал во чест на Дионис / Фото: Принтскрин / Фејсбук

ФОТО | Помпеја не престанува да изненадува! Пронајдени фрески кои ги откриваат тајните на древниот ритуал посветен на богот Дионис

Археолозите во Помпеја, Италија открија ретки фрески, речиси во природна големина, кои нудат нов увид во ритуалите во античкиот град пред да биде уништен со ерупцијата на планината Везув во 79 година од нашата ера.

Големиот фриз (познат како мегалографија), кој се протега на три ѕида од салата за банкет претставува живописни слики на иницијациски обреди за следбениците на Дионис – античкиот грчки бог на виното, плодноста, театарот и религиозната екстаза, пренесува „Ројтерс“.

Ритуалите за иницијација, познати како Дионизиски мистерии, биле тајни религиозни обреди посветени на богот, кои ветувале духовно просветлување и веројатно благословен живот после смртта.

Масивната фреска, која датира од 40 до 30 година п.н.е., прикажува живописни слики на следбениците на Дионис во состојба на ритуална екстаза, танцување и лов, слични на фреските од блиската Вила на мистериите кои биле откриени пред 100 години.

„…Денес ќе биде запаметен како историски бидејќи откритието што го претставуваме е историско. Заедно со Вилата на мистерии, овие фрески се неспоредлив доказ за помалку познатите аспекти на древниот медитерански живот“, изјавил италијанскиот министер за култура Алесандро Џулио, кој присуствуваше на откривањето на фреските.

Прикажани се следбениците на Дионис како танчери и жестоки ловџии, кои носат заклана коза на рамениците или држат меч и утроба на животно во рацете. Во центарот е фреската на елегантно облечена жена која веројатно чека да биде иницирана во мистериите.

Горниот фриз прикажува живи и жртвувани животни, вклучувајќи елени, свињи, петли и риби. Истражувачите велат дека овие контрасти ја истакнуваат двојната природа на дионизиското обожавање, комбинирајќи задоволство со првобитната жртва.

„Прашањето е што сакате да бидете во животот, ловецот или ловениот?“, рекол директорот на Помпеј Габриел Зухтригел.

Местото каде што е пронајдена фреската археолозите го нарекoa Вила на процесијата. Како што е нагласено, во античко време имало многу култови, како што е оној на Дионис, до кој можел да се пристапи само по иницијацијата. Тоа биле мистериозни култови чии тајни им биле познати само на оние кои биле подложени на иницијација.

Помпеја, антички град во близина на Неапол, и неговата околина биле покриени со дебел слој од вулканска пепел кога вулканската вулкана еруптирала во 79  г.н.е., убивајќи илјадници Римјани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот