
ФОТО | Објавена првата официјална фотографија на семејството Визли во новата ТВ серија за „Хари Потер“
Семејството Визли доби нови лица на малите екрани. Телевизиската мрежа Ејч-би-о ја претстави актерската постава која ќе ги толкува браќата и сестрата на Рон во претстојната телевизиска адаптација на светски познатата книжевна сага на Џоан К. Роулинг, објави „Пипл“.
Препорачано
Во улогата на несташните близнаци Фред и Џорџ ќе се појават Тристан Харланд и Габриел Харланд, Роари Спунер ќе го толкува амбициозниот Перси, а младиот лик на Џини ќе го добие Грејси Кохран. Најавата дојде придружена со прва официјална фотографија, на која новата „петорка“ позира со карактеристичната црвена коса и ведри насмевки.
„Куќата е речиси полна. На нашиот Аластер Стоут, кој веќе е потврден како Рон Визли, му се придружуваат Тристан Харланд како Фред, Габриел Харланд како Џорџ, Роари Спунер како Перси и Грејси Кохран како Џини,“ соопштија од продукцијата.
Продукцијата потсети дека Чарли Визли, кој по завршувањето на Хогвортс замина за Романија за да изучува змејови, наскоро ќе биде претставен, а сè уште не е откриено кој актер ќе го толкува Бил, најстариот брат.
Во оригиналната филмска сага, снимена во осум продолженија, улогите им припаѓаа на Руперт Гринт (Рон), Џејмс и Оливер Фелпс (Фред и Џорџ), Бони Рајт (Џини) и Крис Ранкин (Перси).
Серијата, чија премиера е предвидена за 2027 година, веќе доби силно медиумско внимание. Доминик Меклафлин ќе го толкува ликот на Хари Потер, а Ник Фрост ќе се појави како Хагрид. Улогата на Хермиона ѝ е доверена на Арабела Стентон, додека Аластер Стоут ќе биде новиот Рон.
Меѓу останатите потврдени имиња се: Џон Литгоу во улогата на Албус Дамблдор, Џенет МекТир како професорката МекГонагал, Папа Есиеду како професор Снејп, Кетрин Паркинсон како Моли Визли, Џони Флин како Луцијус Малфој, Локс Прат како Драко, Бел Паули како Петјунија Дерсли и Даниел Ригби како Вернон Дерсли.
Снимањето започна во јули, кога од продукцијата беше споделена фотографија на Доминик Меклафлин во хогвортска униформа, со што беше одбележана првата снимана сцена од оваа долгоочекувана продукција.