Фото: Слободен печат

ФОТО | Купишта смет, смрдеа, дувло на девијации: Градскиот трговски центар во Тетово како од хорор филм

Вториот и третиот кат од Градскиот трговски центар во Тетово веќе и никој не се „осмелува“ да го посети.

Таму е сместено подрачното одделение на тетовскиот катастар, како и неколку приватни угостителски и трговски објекти. Останатите локали се запуштени, а дел од нив со искршени врати и прозорци.

Фото: Слободен печат

Во ГТЦ на горните катови нема осветлување, дел од покривот прокуснува. Објектот лоциран веднаш до градскиот плоштад е запоставен повеќе од една деценија.

Фото: Слободен печат

Дел од сопствениците, велат дека поради ваквата состојба трпи бизнисот, но вината ја гледаат и во самите себе оти не можат да се организираат и да формираат куќен совет, за да можат да го одржуваат овој објект.

Фото: Слободен печат

„Објектот се изгради, локалите се купија и сега практично овој објект ни припаѓа на нас. Исто како влезовите на зградите како што им припаѓаат на станарите и за кои треба да се грижат станарите преку формирање на куќен совет, така и ние треба да се грижиме за трговскиот центар. Но, тука малку е посложена ситуацијата оти се работи сепак за поголем објект и треба повеќе пари за одржување. Сме се обиделе неколку пати да се организираме и да почнеме да го одржуваме, но безуспешно. Можеби треба општината да ни помогне зошто се работи за објект кој е до самиот градски плоштад и преставува на некој начин лик на градот“, вели еден сопственик на локал во ГТЦ кој сакаше да остане анонимен.

Но и градскиот плоштад не е во многу подобра состојба. Искршени клупи и канти за отпадоци, речиси целата површина од плоштадот е поплочена со бекатон, без доволно зеленило.

Фото: Слободен печат

Тетовци велат дека крајно време е градскиот плоштад да се уреди затоа што е еден од ретките слободни површини во Тетово каде може да се прошеташ.

„Па нема каде на друго место, во Тетово нема паркови и тука доаѓаме, но тука нема клупи доволно, тие што ги има се испокршени и се е бетон, треба малку зеленило да има како што е во другите градови, ако немаме градски парк барем градскиот плоштад да ни го уредат, но како што гледаме туку ништо не се уредува, кој и да дојде на власт се е бадијала“, вели еден жител на Тетово.

Од Општина Тетово засега нема некои најави за санација на ГТЦ, но за градскиот плоштад неодамна градоначалникот на Тетово Билал Касами истакна дека се работи на идејата плоштадот да добие нов лик, која ќе биде кроена од тетовските студенти.

„Исто така работиме и на долгорочно решение да има подземна сообраќајна инфраструктура, односно целата површина на плоштадот да ја користат пешаците. Имаше една презентација од еден архитект од странство. Работиме на конечно решение, следен чекор е подготовка на проект, а потоа да се изнајдат финансиски средства. Во делот на долгорочните решеније се две идеи, една од нив е да има подземна сообраќајна инфраструктура, а надземната површина да биде за пешаците, а друга опција е во делот на плоштадот да има подземен паркинг“, истакна градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот