
Фото I Франција одбележува пет години од терористичките напади: Комеморации во Париз, Ајфеловата кула ќе трепери во чест на жртвите
На 13 ноември во 2015 година се случија серија исламистички терористички напади во Париз и во Сен Дени, во близина на „Стад де Франс“, при што загинаа 131 лице, а беа повредени 350, биланс што ги прави најсмртоносни што некогаш биле извршени во Франција. Пет години подоцна се одржуваат серија комеморациии покрај важечкото ограничување за справување со епидемијата ковид-19.
Препорачано

Премиерот Жан Кастекс, како и министерот за внатрешни работи Жералд Дарманан и Ерик Дупонд-Морети, министер за правда, им оддадоа почит на жртвите во тие напади. Тие беа придружувани од градоначалничката на Париз, Ан Идалго и градоначалникот на Сен Дени, Матјео Ханотан.

Првата церемонијата беше на „Стад де Франс”, а потоа во 11-от арондисман во Париз, во „Пети карилон”, во „Пети Камбоџ”, „Бон биер”, во „Комптоар Волтер” и во „Бел екип”, односно сите барови и ресторани што беа погодени од нападите.

Комеморациите во Батаклан завршија во концертната сала, која беше место на најсмртоносниот напад на 13 ноември – 90 лица загинаа во напад на тројца напаѓачи.

Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, објави на Твитер дека Ајфеловата кула ќе се изгасне вечерва во 20 часот, а потоа ќе трепери секој час, во знак на почит на жртвите.