
ФОТО | Дали гробницата на Клеопатра е скриена под морето? Научниците веруваат дека се на работ на големо откритие
Запаметена е како една од најмоќните и најзаводливите кралици во историјата. Сега истражувачите тврдат дека се поблиску од кога било до пронаоѓање на изгубената гробница на Клеопатра, и велат дека можеби е под вода, пишува „Дејли мејл“.
Препорачано
Тие открија потонато пристаниште на дното на Средоземното Море, околу 3 километри од брегот на античкиот град Александрија. Потонатото пристаниште, длабоко околу 12 метри, би можело да ги содржи останките на изгубените љубовници, веруваат тие.
Клеопатра, која владеела со Египет од 51 до 30 година п.н.е., е легендарна по тоа што ја користела својата убавина и шарм за да ги постигне своите цели. Таа е позната и по своите љубовни врски со римскиот водач Јулиј Цезар и неговиот наследник Марко Антониј. Клеопатра и Антониј биле погребани заедно.
Но, повеќе од 2.000 години подоцна, нивното почивалиште сè уште не е откриено. Потонатото пристаниште, некогаш поврзано со Тапосирис Магна – антички град со храм на Озирис, богот на смртта – би можело да го држи клучот.
Тапосирис Магна, што значи „голема гробница на Озирис“, се наоѓа на околу 50 км од Александрија, поранешната престолнина на Египет. Кетлин Мартинез, истражувачка која долго време ја бараше гробницата на Клеопатра, го откри пристаништето за време на нова серија нуркања со Боб Балард, познат по пронаоѓањето на Титаник.
Пристаништето, поврзано со храмот, би можело да биде важна трага или дури и да води до самата гробница. Структурата вклучува столбови, мазни камени подови и расфрлани амфори – големи глинени садови за вино – што укажуваат на човечко присуство.
Египетското Министерство за туризам и антиквитети го нарече тоа можен доказ за „античка морска активност“. Мартинез верува дека сега е само „прашање на време“ кога ќе се пронајде гробницата, а таа ја започна потрагата во октомври 2005 година,.
„По 2.000 години, никој никогаш не бил таму. Ние сме првите“, изјавила таа за „Нешнал географик“.
Во 2022 година, Мартинез и нејзиниот тим открија тунел долг 1.300 метри, издлабен низ слоеви карпи под урнатините на Тапосирис Магна.
Внатре, тие пронајдоа керамички садови и грнчарија од Птоломејскиот период, чиј последен владетел беше Клеопатра.
Мартинез верува дека телото на Клеопатра било однесено во Тапосирис Магна по нејзината смрт, преку подземен тунел во правец на пристаништето, каде што било погребано.
Тунелот покажува директно кон пристаништето, што сугерира дека тој и храмот првично биле поврзани – можеби како дел од тајна мрежа. Сепак, експертот не ја исклучува можноста гробницата да се наоѓа во самиот храм, што долго време е преовладувачка теорија.
„Никој не може да ми каже дека Клеопатра не е во Тапосирис Магна. За да го тврдите тоа, би требало да ја ископате целата област и да не ја најдете“, рекла Мартинез.
Мартинез верува дека Клеопатра планирала нејзиниот гроб да биде скриен на место каде што Римјаните никогаш нема да ја бараат.
„Таа морала да избере место каде што ќе се чувствува безбедно во задгробниот живот со Марко Антониј“, додала Мартинез.
Повеќе од 2.000 години подоцна, нејзиниот план сè уште се чини дека функционира.