
ФОТО | 600 денари за лежалка, 390 за рибја чорба – цените во Охрид годинава се „морски“
Многу туристи годинава реагираат за скапите цени во Охрид кои се многу слични како морските. Закупците на плажите најмногу „ќаруваат“ на паркинг-услугите и на изнајмувањето лежалки.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
На пример, на една од плажите под црквата „Св. Јован Канео“, изнајмување на една лежалка чини 600 денари. Таму главно одат странски туристи, многу поретко домашни. Инаку, лежалките на другите плажи чинат од 200 до 300 денари. На една од популарните плажи со автокамп, лежалка со вклучен пијалак се изнајмува за 400 денари.
Во Охрид годинава е поскапен и паркингот. На уште една популарна „камперска“ плажа, паркингот чини 300 денари, а патот од центарот Охрид до таму е 28 километри.
„Паркинг 300 и две лежалки по 300, тоа се 900 денари во старт ако сакаме да се опуштиме на една од најубавите плажи“, коментираше во екот на топ сезоната еден домашен турист.
Затоа, многумина си носат свои столчиња и чадори и се паркираат подалеку од одбележаните паркинг-места. Понекогаш, тоа значи и паркинг во шума, особено ако е викенд и паркинзите се полни. Инаку, паркингот на плажите генерално чини 200 денари.

Пијалаците во рестораните на плажите се исто така покачени годинава. Негазиран пијалак чини 180 денари, а домашно пиво до 200. Она што во Охрид стана луксуз е популарната рибја чорба, која во еден популарен ресторан и хотел чини 390 денари. Може да се најде и чорба за околу 200 до 250 денари, најчесто во ресторани кои не гледаат на езеро.
Само една плажа близу населбата Лагадин нуди бесплатни лежалки ако си нарачате пијалак. Таму кафето чини од 70 до 100 денари, а коктелите 150 денари. Плажата нуди и сендвичи по пристапни цени.
Едно охридско кафуле е најпопуларно наутро, зашто веќе трета година трае акцијата, 50 денари за кафе до 11 часот. Терасата е полна уште од 8 часот, а кафулето потоа е полно и во текот на денот и ноќта, кога има акустични настапи на домашни музичари и забави со диџеи.
И екскурзиите со брод до Свети Наум годинава поскапеа. Со години наназад чинеа 10 евра, па 15, сега има бродови кои возат и за 20 евра по лице, но има и такви кои возат по ланската цена, за 15 евра.