Филм „Тетовирање“ на Столе Попов / колаж

Филмови што оставиле длабока трага во македонската кинематографија се дел од јубилејна ревија во Кинотеката

Во Кинотеката на Македонија на 3 јули почна специјалната филмска програма во чест на 75 години од основањето на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ).

Јубилејната филмска ревија со избрани македонски филмови што оставиле длабока трага во нашата кинематографија ќе трае во периодот од 3 до 18 јули, со почеток од 20 часот, во Кинотеката на Македонија, каде ќе може да се погледне избор од култни класици, документарни бисери, анимирани филмови и современи остварувања кои го одразуваат богатството, развојот и културната вредност на домашната, македонска продукција.

– Јубилејната филмска ревија претставува потсетување на 75 години активна работа на Друштвото на филмски работници на Македонија и истовремено – почит кон сите генерации визионери, филмски автори, актери, филмски работници и соработници кои низ сите овие години ја граделе и сѐ уште ја градат македонската кинематографија. Ревијата отвора простор за средби, дијалози и нови идеи за иднината на седмата уметност во нашата држава. Во време кога вниманието е фрагментирано, јубилејната ревија нѐ потсетува дека добриот филм останува моќна сила – да нѐ трогне, инспирира и обедини – истакнува Игор Иванов – Изи, претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија.

Сцена од „Дае“ на Столе Попов

Програмата беше отворена на 3 јули со два филма на Столе Попов – поетскиот документарец „Дае“ (1979), портрет на последните Роми-номади, и култниот „Тетовирање“ (1991), првиот македонски филм кандидиран за Оскар. Во следните денови, публиката ќе може да ги проследи: „Денес треба нешто да се случи“ (1978) и „Црно семе“ (1971) на 4 јули; „Една“ (2019) на 10 јули; „Јас, Блага Мицанова“ (1977) и „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ (2019) на 11 јули; „Оган“ (1974) и „Исцелител“ (2017) на 17 јули; „Бубачки“ (2004) и „Медена земја“ (2019) на 18 јули. По јулските проекции, филмската ревија во Кинотеката ќе продолжи во септември, по завршувањето на летните одмори. Кинотеката на Македонија ги отвора вратите за сите љубители на филмската уметност и домашниот филм. Сите проекции се бесплатни.

Во рамки на одбележувањето на 75-годишнината од основањето на Друштвото на филмски работници на Македонија, покрај ревијалната програма во Кинотеката на Македонија, ќе се реализира и телевизиско емитување на домашни филмови. Секоја сабота во текот на јули, точно напладне, на програмата на Сител ТВ ќе се прикажува по еден македонски филм: на 5 јули – првиот македонски долгометражен игран филм „Фросина“, на 12 јули – првата македонска филмска комедија „Мирно лето“, на 19 јули – „Хај фај“ и на 26 јули, во сеќавање на катастрофалниот скопски земјотрес, документарниот филм „1963“.

Друштвото на филмски работници на Македонија е здружение на граѓани, основано на 21 мај 1950 година, формирано со слободно здружување на филмски работници од Македонија и има својство на правно лице. Друштвото е независно, самостојно, невладино, непартиско и непрофитно здружение на филмските работници.

ДФРМ е иницијатор, основач и организатор на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Фестивалот започнат 1979 година, е првиот и најстар светски филмски фестивал посветен на креативноста на светските кинематографери. Исто така, Друштвото е иницијатор, основач и организатор и на филмската ревија „Златна рамка“, која претставува увид и приказ на реализираните македонски филмови во една календарска година финансирани од Буџетот на РСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот