
Филмот „Нимик“ на режисерот Јоргос Лантимос: (Кон)фузија на идентитети
Режисерот на култниот „Песјак“ (2009), „Јастог“ (2015) и „Убиството на светиот елен“ (2017), и на историската драма „Фаворитката“ (2018), Гркот Јоргос Лантимос, на публиката ѝ донесе 12-минутен филм, кој уште еднаш покажа дека е маг на филмскиот хронотоп и кокетер за љубопитните очи на публиката.
Препорачано
Станува збор за краткометражниот филм „Нимик“ (Nimic), чии визуелни рабови се како сон: густи, со брза текстура и повеќезначни. Филмот е надреална хорор-сказна за идентитетите: лични, брачни, семејни… Насловот е двосмислен: може да е алузија од старогрчкото „mimic“, што значи да имитира, копира односно подражава некого, но „нимик“ укажува на нешто што е спротивно од ова.
Средовечен неименуван маж, кој го игра Мет Дилон (може да биде секој), станува од спиење во неговиот дом додека во заднина се слуша музицирање на оркестар. Дневната семејна рутина ја почнува како и секој ден со сопругата и трите деца, појадувајќи варени јајца. Приказната открива дека станува збор за виолончелист, кому една средба и една реплика („Имаш ли време“) со непозната девојка во метрото, му го менуваат животот.
Лантимос е маестрален во визуелното ткаење на приказната: филмот тече како во бунило и во агонија. Нејаснотиите не добиваат објаснување, туку се илустрирани како магичен реализам: со многу асоцијации. Прашањата што ги отвора филмот осцилираат околу идентитетите што ги има современиот човек: домашен односно семеен, личен, социјален… Потезите и движењата на протагонистот беспоговорно ги следи неименуваната девојка, која легнува до неговата сопруга во истата позиција во којашто тој се наоѓа само неколку секунди претходно. Тоа што на неговата сопруга збунето ѝ вели: „Ти си мојата подобра половина“, додека во просторијата стои неименуваната девојка, е само рефлексија на збунувачкиот и апстрактен карактер на филмот, во кој, дијалозите се сведени на минимум.
Музичката оркестрациска подлога со остри тонови и неизвесност што ја скицираат жичаните акорди на гудачки инструменти, дополнително ја згуснува атмосферата во која збунет и со многу прашања патува Дилон. Нејасно е дали двојничката е негова замисла, проекција, или желба.
Clean-cut монтажата заедно со благите зумирања и лутањето на камерата (steadicam) го нараснуваат квасецот на неизвесноста до самиот крај, кој, пак, завршува слично на почетокот, но со еден лик повеќе. Кинематографскиот тоналитет еманира чувство на страв и морбидност.
За филмовите на Лантимос велат дека се филмови на расположенија: тој е несомнено доследен на неговата филмска поетика и во овој краткометражен филм што веќе собра неколку меѓународни награди и номинации. Она во што успеал во овој филм е тоа што е многу покондензиран раскажувач, многу полапидарен во изразот и далеку поконцентриран на финесите за разлика од неговите долгометражни филмови.
„Нимик“ е филм за чувствувањето, оддалечувањето и зближувањето, но пред сè, филм за егзистенцијата како таква. Додека ги портретира секојдневните човекови обиди да ги открие нејаснотиите во доживувањето, постојано одѕвонува прашањето на современиот човек: „Имаш ли време?“
Љубителите на филмографијата на Лантимос со ова остварување, само навидум добиваат оддишка од тешките социоидентитетски и егзистенцијални теми, кои му се креативен таргет на овој несомнено плоден и успешен грчки режисер.
Оценка: (3,5)