Филипините ќе ја замаглат контроверзната мапа која се појавува на филмот „Барби“

Фото: Твитер/„Барби“

Филипините побараа да се замагли контроверзната карта во новиот филм „Барби“, што значи дека во земјата сепак ќе може да се гледа филмот, за разлика од Виетнам, каде овој филм целосно е забранет поради наводното прикажување на линијата со девет цртички на мапата.

Линијата е значајна бидејќи Кина ја користи за да ги потврди своите меѓународно отфрлени претензии во Јужното Кинеско Море. Но, филипинските цензори рекоа дека се убедени дека мапата е само „карикатура“, пренесува „Би-Би-Си“.

Одборот за преглед и класификација на филмови и телевизија на Филипините соопшти дека го прегледале филмот двапати и се консултирале и со официјални лица за надворешни работи и со правни експерти. Наведено е дека филмот е, всушност, „патување на Барби од нејзината земја до „вистинскиот свет“, што е „составен дел од приказната“.

Одборот додаде дека испрекинатите линии исцртани на „детски начин“ се наоѓаат на неколку локации на мапата, кои ги идентификува како Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Африка и Азија. Но, забележа дека само осум од тие цртички биле околу копното означено како „Азија“.

Исто така, се додава дека Филипините, Малезија и Индонезија не се видливи на картата во писмо споделено со новинарите.

„Ова е во целосна спротивност со мапите пронајдени во забранетите филмови „Абоминејбл(2019)“ и „Анчартед (2022)“, се вели во писмото.

Минатата недела студиото „Ворнер Брос“ ја бранеше сцената и рече дека мапата е „детски цртеж“ без предвидено значење. Кина, Виетнам, Филипини, Тајван, Малезија и Брунеи имаат конкурентни претензии во Јужното Кинеско Море. Во последниве години, Пекинг изгради воени бази на вештачките острови во областа и често спроведува поморски патроли таму во обид да ги потврди своите територијални претензии.

Во 2016 година, меѓународниот трибунал во Хаг пресуди против кинеските претензии во Јужното Кинеско Море, но Пекинг не ја призна пресудата. Одобрувањето на филмот се совпадна со седумгодишнината од таа пресуда.

Фантастичниот филм за познатата кукла е во режија на Грета Гервиг, а главните улоги ги толкуваат Маргот Роби и Рајан Гослинг. Премиерата на Филипините ќе биде на 19 јули.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот