
Фестивалот „Дрим шорт“ во Струга ќе се одржи со мото „Гледајте филмови, нема каде да се бега“
Деветтото издание на фестивалот „Дрим Шорт“ ќе се одржи од 7 до 10 август на повеќе локации во Струга со мото „Гледајте филмови, нема каде да се бега“. Главните проекции ќе се реализираат во Паркот на поезијата, додека останатата програма ќе биде распределена во „Јуроп хаус Струга“, кафе-бар „Дуќан“, мезе-бар „Барабар“ и мезе-бар „Кингстон“.
Препорачано
– Ценејќи ги и славејќи ги оние кои создаваат филмови на кои се проектираат отсечоци од минатото до иднината, веруваме дека вербата во убавото што го нуди уметноста, e борба против хаосот на светот. Кога во реалноста не постои утеха, филмот е портал кон срцето, каде сѐ уште владее силата на разумот. Во време на егзистенцијално неизвесни секојдневија, филмските уметници не престануваат да измислуваат есенцијално поубави светови. А бидејќи секој филм се создава да биде виден и да допре, тогаш улогата на публиката е да гледа филмови и да дозволи да биде допрена, или во контекст на денешниот поредок, да дозволи да биде спасена – истакнуваат од „Дрим шорт“.
Гостите и публиката на фестивалот ќе имаат уникатна можност за средба и разговори за филм со кинематограферот Флоријан Хофмајстер и со бардот на македонското и балканското глумиште, Никола Ристановски, кој ќе одржи мастерклас.
Фестивалот ќе се одвива во четири фестивалски денови, со пет натпреварувачки програми: Меѓународна, Регионална, Национална, Студентска и Специјална програма насловена „Соочување со минатото“, реализирана во соработка со „ПроПис Северна Македонија“. Во фестивалското жири се Јелена Јованова (актерка), Никола Ристановски (актер), Гвидо Казале (режисер) и Бранко Ристовски (монтажер и продуцент).
Натпреварувачката програма ќе биде придружена од ревијална програма што вклучува Вечер на холандски филм, со избор на филмови во соработка со фестивалот „Go Short“, програма на еколошки филмови во соработка со „Еко Свест“ и специјална ВР-програма на кратки филмови. Музичката Офф-програма се фокусира на македонската електронска сцена со диџеј-сетови на Андреја Салпе и Андреј Мицајков.
(Текстот е објавен во „Филмски печат“ во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-3.8.2025)