Кометата C/2023 A3 се движи по небото над Канарите / Фото: EPA-EFE/CARLOS DE SAA

Феномен на небото овој октомври: Комета последен пат видена во камено доба ќе се приближи до Земјата

Кометата, која последен пат можеше да се види од земјата во ерата на неандерталците, повторно се појави на небото, а астрономите велат дека во догледна иднина би можела да се види со голо око, пишува „Гардијан“.

Астрономите ја открија кометата Ц/2023 А3 (Цучиншан–Атлас) на почетокот на минатата година, а се претпоставува дека таа прави круг околу Сонцето по издолжена патека на секои 80.000 години.

Д-р Грегори Браун од Кралската опсерваторија Гринич вели дека кометата доаѓа од облакот Орт, кој се наоѓа веднаш надвор од орбитата на Нептун.

„Тоа е голем, сферичен регион околу Сонцето кој содржи ледени остатоци од времето кога Сончевиот систем само што се формирал“, рекол Браун.

Минатиот месец кометата беше најблиску до Сонцето, а се очекува најблиску до Земјата да биде околу 13 октомври.

„Работата со кометите е дека колку се поблиску до нас, до Земјата, толку се посветли, но и колку се поблиску до Сонцето, толку се посветли. Значи, најблискиот пристап не мора да биде и најсветлиот период“, објаснил Браун, истакнувајќи дека наместо тоа, кометата најубаво може да се забележи околу 9 октомври.

Во тој момент, кометата ќе биде точно помеѓу Сонцето и Земјата, па најдобро ќе биде да ја гледате неколку дена пред и по тој датум.

„Кометите видливи со голо око се многу ретки, а оваа има потенцијал да биде една од највидливите во последните неколку децении. Дефинитивно вреди да се обидете да ја ‘фатите’“, додал Браун.

Сепак, тешко е да се каже колку ќе биде светла кога ќе се приближи до Земјата: „Како што изгледа сега, веќе е видлива со голо око под соодветни услови, а шансите се дека ќе стане уште посветла. Но, навистина не знаеме колку ќе биде светла“.

Љубителите на небото на јужната и на северната хемисфера имаат шанса да ја видат кометата. Најдобро е да се обидете да ја најдете многу рано наутро пред зори и во правец на соѕвездието Секстант.

Во следните неколку дена кометата ќе го заобиколи Сонцето, така што од 13 октомври ќе има добри шанси да ја видиме кометата доцна навечер, по зајдисонце, на запад кон соѕвездието Волар.

Браун тврди дека кометата со голо око ќе изгледа како дамка на небото, а нејзината опашка треба да биде видлива преку двоглед или мал телескоп. Дури и ако не нè очекува спектакуларен небесен феномен, ентузијастите на астрономијата можат да уживаат во сознанието дека гледаат во комета која последен пат била видена од Земјата во каменото доба.

„Се разбира, не можеме да знаеме колку била светла кометата тогаш и дали можела да се види“, заклучил Браун.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот