
ФДА го одобри првиот спреј за нос кој делува против мигрена за 15 минути
Американската Агенција за храна и лекови (ФДА) го одобри спрејот за нос со брзо дејство на компанијата „Фајзер“ дизајниран за лекување на мигрена, соопшти американскиот фармацевтски гигант, пишува „Саенс алерт“ (Science alert).
Препорачано
„Фајзер“ рече дека очекува лекот, кој се продава под името zavzpret, да биде достапен во аптеките во јули 2023 годинa.
„Одобрувањето на zavzpret од страна на ФДА претставува значителен напредок за луѓето со мигрена на кои им е потребно ослободување од болка и кои претпочитаат алтернативни опции во однос на оралните лекови“, рекла во изјавата главната комерцијална директорка на компанијата „Фајзер“, Ангела Хванг.
Студијата од третата фаза на лекот открила дека ги олеснува болките на некои болни од мигрена за само 15 минути.
„Како спреј за нос со брза апсорпција на лекот, zavzpret нуди алтернативна опција за лекување за луѓето на кои им е потребно ублажување на болките. Исто така, тоа е добра алтернатива за оние кои не можат да земаат орални лекови поради гадење или повраќање“, ја цитирала „Фајзер“ изјавата на Кетлин Мулин, помошник на медицинскиот директор на Институтот за неврологија и главоболка во Њу Ингланд.
Лекувањето за состојбите, кои генерално се решаваат со орално земање на лекови е двојно слепо тестирано на примерок од 1.405 луѓе, при што половина земале единечна доза од спрејот, а останатите примале плацебо.
Утврдено е дека спрејот значително ја намалува болката, како што се проценува, околу два часа по појавата на мигрената, која покрај тоа што често предизвикува силни главоболки може да вклучи и гадење и чувствителност на светлина или бучава.