Кучиња во Јужна Кореја / Фото EPA-EFE/JEON HEON-KYUN

Фармите за кучиња во Јужна Кореја се борат до коска

Потрошувачката на кучешко месо е вековна практика на Корејскиот полуостров и долго време се смета за извор на издржливост во топлите летни денови. Користењето на кучешко месо не е конкретно забрането или легализирано во Јужна Кореја, но сѐ повеќе луѓе се залагаат за таква забрана.

Во оваа азиска држава во последниве години сѐ повеќе се зголемува јавната свест за правата на животните и загриженоста за меѓународниот имиџ на Јужна Кореја. Кампањата против кучешкото месо доби голем поттик неодамна кога првата дама на земјата изрази поддршка за забраната и двајца пратеници воведоа нацрт-закони за ставање крај на трговијата со кучешко месо.

„Странците мислат дека Јужна Кореја е културна моќ. Но, колку повеќе нашата култура ја зајакнува својата меѓународна репутација, толку странците се шокирани за нашата конзумација на кучешко месо“, вели Хан Јеунгае, опозициски пратеник кој минатиот месец поднесе предлог-закон за забрана на индустрија за кучешко месо.

Изгледите за законодавство против кучешко месо се нејасни поради противењето на фармерите, сопствениците на рестораните и другите вклучени во индустријата за кучешко месо. Анкетите покажуваат дека секој трет Јужнокорејец се противи на таквата забрана, пишува „АП“. Кучињата се јадат и во Кина, Виетнам, Индонезија, Северна Кореја и некои африкански земји, вклучувајќи ги Гана, Камерун, Конго и Нигерија.

Кучиња во Јужна Кореја / Фото EPA-EFE/JEON HEON-KYUN

На почетокот на овој месец, индонезиските власти објавија крај на колењето на кучиња и мачки на пазар за животни на островот Сулавеси по долгогодишна кампања на локалните активисти и светските познати личности. Екстремниот пазар Томохон ќе стане првиот таков пазар во Индонезија на кој нема месо од кучиња и мачки, соопшти организацијата за борба против суровоста кон животните „Хјуман Сосајети Интернешонал“.

Индустријата за кучешко месо во Јужна Кореја добива поголемо меѓународно внимание поради нејзината репутација како богата, ултрамодерна демократија. Исто така, таа е единствената нација со индустриски фарми за кучиња. Повеќето фарми во Јужна Кореја имаат повеќе од 500 кучиња, стои во податоците на здружението на одгледувачи на кучиња.

Јужна Кореја кучиња / Фото EPA-EFE/JEON HEON-KYUN

Јужнокорејецот Ким Џонг-кил е сопственик на една од најголемите фарми. Сите кучиња се чуваат во големи кафези и се хранат со остатоци и мелено пилешко. Тие ретко се пуштаат и обично се продаваат една година по раѓањето.

Ким вели дека е горд на фармата за кучешко месо која го издржува неговото семејство 27 години, но е вознемирен од зголемените обиди на политичарите и активистите да го забранат бизнисот, кој им го остава на своите деца.

„Тоа е повеќе од само лошо чувство. Јас сум апсолутно против овие потези и ќе ги мобилизираме сите наши ресурси за да му се спротивставиме“, рече 57-годишникот во интервјуто на неговата фарма во градот Пјонгтаек, јужно од Сеул.

Ким нагласува дека неговите две деца на возраст од 29 и 31 година ја водат фармата заедно со него и дека на бизнисот му оди доста добро.

Тој верува дека кучињата во фармите се разликуваат од домашните миленици. Инаку, сè потешко е да се најдат ресторани со кучешко месо во центарот на Сеул.

„Заработувам само една третина од парите што ги заработував. Младите не доаѓаат овде. Само болни стари луѓе доаѓаат на ручек“, вели 77-годишниот Јун Чу-вол, сопственик на ресторан за кучешко месо во Традиционалниот пазар Кјунгдонг во Сеул. „Им велам на моите постари клиенти да доаѓаат почесто и да ја јадат мојата храна пред да биде забранета“, додаде тој.

Одгледувачите, исто така, се соочуваат со зголемена контрола од официјалните лица и сè понегативно јавно мислење. Тие се жалат дека службениците постојано ги посетуваат како одговор на поплаките од активистите и граѓаните за наводната злоупотреба на животните и другите незаконски постапки.

Фарма за кучиња во Јужна Кореја / Фото EPA-EFE/JEON HEON-KYUN

Ким рече дека повеќе од 90 такви петиции биле поднесени против неговата фарма во последните четири месеци. Сон Вон Хак, генерален секретар на здружението на одгледувачи на кучиња, рече дека многу фарми банкротирале во последниве години поради падот на цените на кучешкото месо и послабата побарувачка. Тој смета дека ова е резултат на активистички кампањи и нечесни медиумски написи кои се фокусираат на фарми со полоши услови.

Одгледувачите тврдат дека бројот на фарми низ Јужна Кореја е преполовен. Тие наведуваат дека секоја година се колат од 700.000 до 1 милион кучиња. Сепак, некои активисти се убедени дека проценките на земјоделците се претерување со цел да се покаже дека нивната индустрија е преголема за да биде уништена.

Кон крајот на 2021 година, Јужна Кореја започна работна група за да ја разгледа забраната на кучешкото месо на предлог на тогашниот претседател Мун Џае-ин, љубител на домашни миленици. Комитетот, чии членови вклучуваат фармери и активисти за правата на животните, се состана повеќе од 20 пати, но не успеа да постигне договор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот