Европа бара, но Мицкоски не дава да им се зголемат платите на судиите и на обвинителите

Премиерот Христијан Мицкоски беше дециден дека тој е против тоа судиите и обвинителите да земаат поголеми плати со доверба од граѓаните од два проценти. Во делот на законите за судиите и обвинителите, рече дека не се бараат некои реформи, туку единствено да се зголемат нивните плати.

Европската комисија бара зголемување на платите за судиите и јавните обвинители и за членовите на Судскиот и за Обвинителскиот совет, но Владата е против тие да земаат повеќе пари, па затоа сега ќе се прави компаративна анализа со пет други европски земји за да се види колку се издвојува во тие држави за обвинителите и за судиите.

Премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите беше дециден дека тој е против тоа судиите и обвинителите да земаат поголеми плати со доверба од граѓаните од два проценти. Како што кажа Мицкоски, во делот на законите за судиите и за обвинителите не се бараат некои реформи, туку единствено да се зголемат нивните плати.

Мицкоски: И со овие примања не си ја вршат работата како што треба

– Ние рековме, еве, да направиме една компаративна анализа, да видиме од буџетите на неколку земји членки од Европската Унија колку се издвојува. Законот што ги третира примањата на вработените во судовите и обвинителствата, законот за судска служба и обвинителска служба не е толкав проблем, поголем проблем е за самите судии, обвинители, членовите на Судскиот совет и членовите на Советот на јавни обвинители. Тука имаме, главно, проблем, и ние како влада не се согласуваме да има зголемување на примањата, затоа што мислиме дека и со овие примања, не си ја вршат работата како што треба. Го задолживме Министерството за финансии да направи една компаративна анализа како е тоа во Европа, вклучен е и човек од мојот кабинет. Очекуваме до крајот на септември да имаме одреден инпут. Избравме пет држави – Германија, Франција, една скандинавска земја, една од Централна Европа (Унгарија или Чешка) и Хрватска – да видиме како е таму за да излеземе пред Европската комисија пред да ги дадеме овие закони во Собранието. Да кажеме ова ќе биде тоа што ќе биде составен дел од законот – рече Мицкоски на брифингот.

Според бројките што ги кажа Мицкоски, Европската комисија бара поголеми плати за судиите и за јавните обвинители. Поточно, да се издвојат 0,8 проценти од БДП за судиите и 0,5 проценти од БДП за платите на обвинителите, или вкупно 100 милиони долари, што би било двојно повеќе од сегашниот трошок за плати. Така, според него платите на судиите би стигнале и до 360 илјади денари.

Премиерот најави и кратење на платата на обвинителот претставник во „Еуроџаст“ која ја одредувал републичкиот јавен обвинител со правилник и честопати можела да биде ненормално голема. Како влада зазеле став дека кога тие ќе испрателе претставник „Еуроџаст“ (иако обвинителката Ленче Ристовска е претставник таму) тој ќе има статус на дипломат и примањата ќе му бидат во рангот на третиот човек во нашата амбасада во Брисел.

Според Мицкоски, и за Кривичниот законик ќе се правела компаративна анализа. Законот беше сменет кога ДУИ и СДСМ беа на власт, но со обезбеден собраниски кворум од ВМРО-ДПМНЕ. Измените на КЗ се најавуваат уште кога дојде оваа власт и измените ги правеа работни групи.

Во делот на владеењето на правото, неколку клучни закони треба да се донесат до крајот на годинава – Законот за јавни обвинители, Законот за судски совет, Законот за судови, за обвинителска и судска служба, Изборниот законик, Кривичниот законик… Сите закони, пред да влезат во Собранието, ќе бидат испраќани, прво, во Европската комисија, за да се провери дали се исполнети сите препораки. Мицкоски најави дека нема да го либерализира пазарот за електрична енергија за домаќинствата, дури ако за тоа би претрпел политичка штета.

Муртезани: Ќе ги претркаме Црна Гора и Албанија

На брифингот беше присутен и министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кој кажуваше колку земјава исполнила од реформската агенда. Тој очекува, иако сега сме зад Црна Гора и Албанија, наскоро да бидеме први во регионот по имплементацијата на европската агенда.

– Бидејќи Црна Гора се фокусира на затворање на поглавјата, а Албанија сака да ги отвори сите, нивните капацитети се драстично помали од нашите, бидејќи ние имаме поголема можност да се фокусираме на имплементацијата на Планот за раст. Очекуваме по следното известување од Европската комисија (ЕК), дури и ако сега сме зад Албанија и Црна Гора, да бидеме најдобри во Планот за раст – рече Муртезани.

Како што кажа Муртезани, ЕК направила завршно известување за чекорите до декември и, согласно извештајот, процентот на реализација на реформите е 40 отсто, а неискористеноста на средствата е 50 отсто.

– Тоа значи дека од пет реформи, две се успешно имплементирани, за останатите три дадени се препораки од ЕК и институциите, заедно со нашиот тим во Министерството работат интензивно. За нив тече грејс-период од 24 месеци и за некои од нив сметаме дека можеби до крајот на годината успешно ќе ги завршиме. Вкупната вредност на пари од овие реформи се 8 милиони евра, од кои 3,6 милиони евра беа исплатени со рефинансирањето, па така тој износ ќе се одземе од целите плаќања – рече Муртезани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот