Етничката определба во личните карти е глупост

Ѓорѓи Спасов, Фото: Фејсбук

За жал, „Левица“ за првпат е во прво. Нема потреба да се дозволува во личната карта „кој сака“ да му биде запишувана и неговата етничка припадност или потекло. Тоа не само што е непотребен чин на етничка самоидентификација, туку е и чин на етничко самообележување (како со жолта лента на ракавите).

За што, всушност, ја користиме личната карта? За во банка, пред полиција и на гласање. Никому од тие пред кои сме должни да им ја покажеме не им е, и не треба да им биде важна, етничката припадност на граѓанинот. Во земја со многу етнички мешани бракови тоа ќе биде еден вид изнудување. А кога се знае опасноста од сѐ уште неисчезнатите предрасуди и примери на дискриминација во општеството тоа ќе биде можност и инструмент на националистите и на власта за јавна проверка на тоа дали некој се декларирал како Ром, како Евреин, како Бугарин или воопшто не „избрал етничка припадност во својата лична карта“. Оттука оваа идеја, иницијатива, овој предлог и закон не треба да бидат прифатени бидејќи не водат кон зголемување на ничии права ниту кон зголемување на еднаквоста и рамноправноста. Напротив. Мислам да ова е многу перфиден обид да се минира решението договорено со преспанскиот договор со Грција, според кое во пасошите пишува националност: македонска (Macedonian)/граѓанин на Република Северна Македонија.

Ако помине оваа идеја во Законот за лични карти, треба да бидеме сигурни дека многу бргу ќе биде побарано етничката припадност да стои и во пасошите кај сите оние што не се баш среќни што и државјанството им е запишано како македонско односно што во графата Nationality пишува Macedonian иако е јасно дека тоа се однесува на државјанство и се преведува како македонско.

Можеби предлагачот Беса со ова сака пред локалните избори да добие уште некој националистички поен, но без сериозно разбирање на можните последици лесно водата ќе се налева кон воденицата на за сега маргиналната „Левица“. Образложениета од видот „ова не ги засега правата на другите“, а ги прави Албанците позадоволни граѓани во овој случај не држат вода. Оттука, добро е законот да се повлече, иако штетата е веќе направена. А ако станува збор и за уцена во однос на опстојувањето на владата, и тој ризик треба разумно да се пресмета и да се поднесе. Ако се изборивме државноста да ја нарекуваме македонска, тогаш не пречи и сите национални институции кои ѝ припаѓаат на државата да се означуваат како македонски бидејќи со тој збор не го означуваме само етничкото, туку и државното, националното кое ги чува народот составен од повеќе етнички заедници обединет и интегриран во современа политичка нација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот