Ердоган и Путин на разговори во Сочи во 2021 година - Фотографија ЕПА, Владимир Смирнов

Ердоган ги разниша односите со Русија: „Драгиот пријател“ на Путин се престрои на западниот колосек

За помалку од една недела, Ердоган јасно се престрои. Се претпоставува дека клучен фактор е испразнетата државна каса, по длабоката финансиска криза, катастрофалниот земјотрес и скапата предизборна кампања

Со неколку важни политички одлуки за неполна недела, претседателот Реџеп Таип Ердоган му зададе големи удари на Владимир Путин, кој го ословуваше со „драг пријател“, и ја зацврсти позицијата на Турција како членка на НАТО и стратегиски сојузник на САД.

Ердоган во изминатиот мандат настојуваше да води балансирана надворешна политика, одржувајќи добри односи и со САД и партнерите од Алијансата, но во исто време и со Кремљ. Тоа му овозможи да се наметне како „неутрален“ посредник помеѓу Киев и Москва откако руските сили извршија инвазија врз Украина. Анкара од една страна се спротивстави на санкциите од западните земји против Русија, а од друга страна ѝ продаваше беспилотни летала „бајрактар“ на Украина. Пред шест години тој склучи договор за набавка на руски проектилски системи „с-400“, свесно загрозувајќи ги односите со партнерите од НАТО, особено со Америка.

За помалку од една недела, Ердоган јасно се престрои. Се претпоставува дека клучен фактор е испразнетата државна каса, по длабоката финансиска криза, катастрофалниот земјотрес и скапата предизборна кампања.

Низата удари почна во саботата, кога украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во посета на Турција. Ердоган отворено го повика НАТО да ја забрза постапката за прием на Украина во своето членство. Тој, притоа, истакна дека „Украина заслужува членство“, за разлика од Шведска „која поддржува терористички групи“. Анкара, во исто време, го одобри проектот за изградба на фабрика за производство на турските беспилотни летала „бајрактар тб-2“, кои веќе во голем број ѝ беа испорачани на Украина и со кои веројатно беше потопен и бродот „Москва“, гордоста на руската Црноморска флота.

Дојде сам, се врати со херои

На заедничката прес-конференција со Зеленски турскиот претседател додаде дека ќе побара за три месеци наместо за два да биде продолжен договорот за извоз на жита од украинските пристаништа на Црно Море. Договорот, постигнат со посредство на Турција и на Обединетите нации, истекува на 17 јули. Анкара официјално не потврди, но неколку портали објавија дека Турција ќе пропушта украински бродови со жито дури и ако Русија реши да не го продолжи договорот, па дури и дека ќе им овозможи „безбедна пловидба низ Црно Море“.

Зеленски во Анкара дојде „сам“, а замина со уште петмина ветерани.

– Од Турција се враќаме дома со хероите – објави Зеленски на фотографија со петмина команданти од групата што ја бранеше челичарницата во Мариупол.

Петтемина беа во „виртуелен домашен притвор“ во Турција за да бидат разменети за заробени руски офицери. Кремљ веднаш реагираше дека не бил консултиран за ослободувањето на командантите.

– Никој не нѐ информирал. Согласно договорите, овие водачи требаше да останат на територијата на Турција до крајот на конфликтот – изјави портпаролот Дмитриј Песков.

И, конечно, последниот удар беше деблокирањето на членството на Шведска во НАТО, кој за Москва дојде ненадејно, два дена откако Ердоган изјави дека скандинавската земја не заслужува членство и еден ден откако деблокадата ја услови со обновување на преговорите за членство на Турција во Европската Унија.

Жед за инвестиции

Сите овие потези се направени шест недели откако Ердоган беше реизбран за претседател, по тесни избори во чија кампања беа вложени многу пари и беа ветени покачувања на плати и пензии. Впечатливо е што Анкара по претседателските и парламентарните избори темелно ја промени контроверзната економска политика што придонесе за инфлацијата и девалвацијата.

– Во изминатите години се создаде впечаток дека Турција премногу се приближи до Русија. Сега сѐ се враќа на своето место – оцени Галип Далај од лондонската аналитичка група Четам хаус.

Далај тврди дека Турција сфатила дека не инвеститорите од заливските земји не се доволни за да ја извлечат од економската криза, поради што Анкара мора да ги подобри односите со западните земји. Во таа насока е заложбата на американскиот претседател Џо Бајден дека лично ќе инсистира Конгресот да ја деблокира испораката на авиони „ф-16“ за Турција. И Вашингтон и Анкара укажуваат дека овој политички маневар „нема никаква врска“ со одлуката за деблокирање на членството на Шведска во НАТО.

Со ваквите потези Турција свесно ризикува да ги загрози политичките и економските врски со Русија. Песков во понеделникот објави дека Путин „нема планови да се сретне со Ердоган и да разговара за продолжување на договорот за извоз на жито и ѓубрива“. Се очекуваат и нарушувања на билатералните трговски односи, испораката на гас, туристичката сезона и заедничките инфраструктурно-енергетски проекти. Соочена со санкции од западните земји, Русија сѐ уште ѝ испорачува гас на Турција (во износ од 4 милијарди долари во тековната година), руските туристи ги полнат турските летувалишта, а руски инженери и работници ја градат првата турска нуклеарна енергетска централа.

Кремљ предупредува

Кремљ воздржано истакнува дека „наспроти недоразбирањата ќе настојува да ги развие билатералните односи“.

– Турција може да се ориентира кон Западот. Знаеме дека во историјата на Република Турција имало периоди на интензивно приближување до Западот, а имало и периоди на помалку интензивно приближување. Но, сите знаеме и дека никој не сака да ја види Турција во Европа, мислам Европејците. И тука нашите турски партнери не треба да гледаат низ розеви очила – предупреди портпаролот на Кремљ.

Во понеделникот никој директно не одговори на условувањето на деблокадата на членството на Шведска во НАТО со обновувањето на пристапните преговори за членство на Турција во ЕУ. Условот повеќе не важи, бидејќи Ердоган се согласи со проширувањето на Алијансата. Но, Анкара, исто така, навистина очекува да се обноват контактите заради други придобивки, пред сѐ за укинување на визите за турските државјани за да патуваат слободно низ Европа. Ердоган се залага и за продлабочување и проширување на трговските ангажмани со Европската Унија, без оглед дали напредуваат преговорите за членство, кои се условени со степенот на почитување на човековите права и демократските процеси во Турција.

И во Европа има ентузијазам за подобрување на односите. Турција веќе се покажа како доверлив партнер во договорот за запирање на бранот бегалци од Сирија кон Европа.

– Турција сака Европската Унија да има поголема улога во економското заздравување. Тоа е посредното значење на пораката „Да ги обновиме прстапните преговори“ – изјави за Ројтерс Еврен Балта, професор по меѓународни односи на универзитетот Озјегин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот