
ЕП ќе ги разгледува разликите околу намалувањата на повеќегодишната буџетска рамка на ЕУ
Компромисот за буџетот на ниво на лидерите на ЕУ во вторникот донесе значајни намалувања во некои од клучните ставки на Унијата, и Парламентот оценува дека овие промени се контрадикторни со амбициите на Европската Унија.
Управувањето со Фондот за закрепнување, сопствените буџетски ресурси на ЕУ и суштински прашања за самата седумгодишна буџетска рамка се трите „важни теми“ за кои ЕП ќе се координира пред да започне да преговара со Советот на ЕУ за постигнатиот договор за повеќегодишната буџетска рамка на ЕУ и Фондот за закрепнување, изјави претседателот на ЕП, Давид Сасоли.
Препорачано
-Прашањето на повеќегодишната буџетска рамка е тука и сакаме да дискутираме за суштината на попустите, тука треба да има корекции, а ние имаме последен збор на оваа тема, се надевам дека ќе помогне да се надминат разликите посебно во делот на намалувањата кои не овозможуваат да се постигнат целите на Европската Унија.
Компромисот за буџетот на ниво на лидерите на ЕУ во вторникот донесе значајни намалувања во некои од клучните ставки на Унијата, и Парламентот оценува дека овие промени се контрадикторни со амбициите на Европската Унија.
-Има точки кои сакаме да ги отвориме во конструктивен дух за да ги коригираме грешките на повеќегодишната буџетска рамка, рече Сасоли.
Тој е уверен дека Европскиот Парламент ќе успее во својата цел и ќе добие позитивен одговор од другите институции.
-За буџетската рамка има уште доста работа и сметам дека е во интерес на сите да направиме измени, додаде шефот на Европарламентот.
Пратениците се генерално “многу задоволни” од компромисот за Фондот за закрепнување, со оглед на тоа дека е запазен целокупниот износ од 750 милијарди евра, иако не сите се задоволни од распоредот помеѓу грантовите и заемите.
Европскиот Парламент во овој дел ќе бара да биде вклучен во управувањето и надзорот на овие средства и нивната дистрибуција. Парламентот нема надлежност да ги контролира националните планови, но може да даде мислење за тоа дали тие се во согласност со главните амбиции на Европската Унија, како Зелениот Пакт, рече Сасоли.
Запрашан дали е подготвен да го отфрли компромисот доколку не е задоволителен за Европарламентот и дали овие нови преговори би можеле да се одолговлекуваат, Сасоли не одговори директно, но потсети дека преговорите се пожелна и нормална работа за една демократија.