Фото: EPA-EFE/MARK R. CRISTINO

Експлозивно откритие на Кинескиот ѕид: Во урнатините пронајдени камени гранати стари најмалку 4 века

Кинеските археолози открија 59 камени гранати стари најмалку 4 века во урнатините на зграда во западниот дел на Ба-да-линг, најпознатиот дел од Кинескиот ѕид, објави „Ксинхуа“. Се верува дека зградата била складиште за оружје.

– Ова е првпат да се најде вакво складиште во близина на Кинескиот ѕид и тоа ги менува нашите претходни заклучоци – изјави Шанг Хенг, истражувач од Институтот за археологија во Пекинг.

Археолозите досега пронашле околу 40 слични камени гранати, примитивни верзии на рачни гранати, кои биле вообичаено оружје за чуварите на Кинескиот ѕид за време на владеењето на династијата Минг (1368-1644).

– Овие навидум незабележителни камења имаат кружни дупки во центарот за полнење со барут. По полнењето може да се затворат и фрлаат. Ова не само што ќе ги погоди напаѓачите, туку ќе предизвика експлозија што ќе го порази непријателот – објасни Шанг за „Ксинхуа“.

Ма Лувеи, археолог специјализиран за кинеска воена историја, изјави за „Глобал тајмс“ дека камените бомби биле важно оружје што се користело „за одбрана од непријателска инвазија“ долж Кинескиот ѕид за време на династијата Минг.

– Бомбите најчесто се правеле со дупчење во карпа. Тоа е оружје кое лесно се прави, а војниците многу лесно го фрлаат врз напаѓачите додека стојат на ѕидот – рече тој.

Бомбите имаат висока експлозивна моќ, додаде Шанг, и биле омиленото оружје на Чи Чигуанг, генералот кој го подобри воениот систем и стратегијата на Кина.

Археолозите веруваат дека барутот најверојатно бил развиен во Кина во 9 век. До Блискиот Исток и Европа стигнал малку подоцна, веројатно во 13 век. Многу научници веруваат дека го донеле Монголите за време на нивните освојувања, но тоа сè уште не е потврдено.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот