Фото: Марина Малиш Саздовска/Принтскрин

Експертката Саздовска алармира: Пожарите на депониите носат сомнеж за организиран криминал и можен еколошки тероризам

Во интервју за „Нова Македонија“, експертката за еколошки криминалитет, проф. д-р Марина Малиш Саздовска, нагласува дека испуштањето штетни материи во поголеми количини е кривично дело за кое може да следуваат казни до десет години затвор.

Пожарите на депониите „Дрисла“ и „Вардариште“, како и во магацинот за електронски отпад во Трубарево, може да се третираат како еколошки кривични дела, а постојат и индиции дека се предизвикани од човечки фактор и во краток интервал на објекти со иста дејност – што отвора сомнеж за посериозна, организирана криминална појава, вели експертката за еколошки криминалитет и меѓународна заштита на животната средина, проф. д-р Марина Малиш Саздовска, во интервју за „Нова Македонија“.

Саздовска појаснува дека пожарите се случиле во многу краток временски интервал, што, заедно со сомнежите за човечки фактор, може да упатува на организирана криминална група.

– Пожарите што се случуваат на депониите Дрисла и Вардариште, магацинот за електронски отпад во Трубарево, а за кои има индиции дека се предизвикани од човечки фактор, се лоцирани на објекти од ист вид односно дејност (депонирање отпад, електронски отпад, опасен отпад и сл.) и се случуваат во многу краток временски интервал, што може да укажува и на една посериозна криминална појава организирана од страна на организирана криминална група – вели проф. д-р Саздовска.

Дополнително, со оглед на создадениот страв и загриженост кај населението поради загадувањето на воздухот и можната контаминација на почвата на земјоделски површини, таа укажува дека не се исклучува ни елемент на „еколошки тероризам“ – уништување на животната средина со цел заплашување или принуда.

До десет години затвор за предизвикување опасни пожари

Професорката потсетува дека еколошкиот криминалитет се поврзува со делата утврдени во Кривичниот законик, но и со поширокиот поим на еколошка безбедност – состојба во која животната средина не е под закана. Таа вели дека во законската рамка постојат неколку основи што можат да бидат применливи за актуелните пожари.

Најнапред, според неа, законодавецот има предвидено казни за предизвикување шумски пожар, но и за создавање општа опасност – односно ситуации кога со пожар, поплава, експлозија или со други општоопасни дејства се загрозуваат животот на луѓето или имот од големи размери. Во вакви случаи, одговорност може да сносат и службени лица што не поставиле или не одржувале уреди за заштита, не ги активирале навреме или не постапиле според техничките правила.

Таа дополнува дека посебно важен е и делот од законот што се однесува на загадување на животната средина и природата. Ако некој испушти отровни гасови, штетни материи или јонизирачко зрачење во воздух, вода или почва во количини поголеми од дозволените, тоа е веќе казниво дело. Во зависност од тежината и количината на загадувањето, казните можат да се движат од една до три години затвор, па сè до десет години ако е предизвикана сериозна опасност за здравјето на луѓето или уништување на растителниот и животинскиот свет. Одговорност има и за службени лица што не презеле мерки за спречување загадување или дозволиле работа на постројки што ги надминуваат дозволените граници.

Заклучокот на Саздовска е дека актуелните пожари навистина може да се третираат како еколошки кривични дела. Но, конечната квалификација ќе зависи од тоа што ќе покажат истрагата и форензичките анализи – дали ќе се утврди дека станува збор за намерни, организирани активности и колкави се последиците врз животната средина и здравјето на граѓаните.

Истрагата е во втора фаза

Според Саздовска, предистрагата е во тек, а во Трубарево се вршат форензички анализи за загадувањето на воздухот и други екосистеми. Методиката на сузбивање еколошки кривични дела оди по фази. Таа посочува дека првин се дознава дека постои дело, па следува соработка со вештаци за докажување, по што се утврдува идентитетот на сторителите.

— Со оглед на фактот дека во моментот се вршат форензички анализи на загадувањето на воздухот и на другите екосистеми од пожарот во Трубарево, може да констатираме дека сме во втората фаза на истрагата, по што ќе се пристапи и кон целосно расветлување на кривичноправниот настан — вели проф. д-р Марина Малиш Саздовска.

„Нема форензички кадри, лиценцирани лаборатории, ни софистицирана опрема“

Со оглед на комплексноста и последиците врз луѓето, животинскиот и растителниот свет, потребно е адекватно постапување на институциите според кризни протоколи.

Професорката укажува на слабости во капацитетите: недостиг на стручна и професионална екипираност, форензични кадри, лиценцирани лаборатории и софистицирана опрема за вештачења.
Дополнително, корупцијата во областа на животната средина е дополнителен проблем што бара антикоруптивни мерки за да се обезбеди здрава животна средина.

„Службениците не се лишени од одговорност“

Професорката објаснува дека за да се спречат вакви појави, најважно е институциите навреме да делуваат. Од превентивна страна, тоа значи поголема ангажираност на криминалистичката полиција, инспекторатите и царината. Потребни се редовни контроли и надзор на критичните локации, постојан мониторинг на состојбите, прибирање разузнавачки информации и добра соработка меѓу различните институции.

Од друга страна, ако веќе дојде до кривично дело, неопходно е да се делува репресивно – односно да се вложи во зголемување на човечки и технички ресурси, да се водат темелни и ефикасни криминалистички истраги и на крајот да се подготват квалитетни кривични пријави, вели таа.

Одговорност, додава професорката, мора да сносат не само директните сторители, туку и оние службени лица што не ги исполниле законските обврски за заштита од пожари и загадување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот