Фото: Pexels

Според експертите: Мажите, сепак, се поромантични од жените?

Сè уште се подразбира дека мажот е тој што планира и плаќа за излегување, купува цвеќе, држи врата и придвижува столица. И покрај зголеменото инсистирање на родова еднаквост, сè уште постојат многу норми кои, на различни начини, го прават однесувањето на мажите да изгледа поромантично, бидејќи тоа се очекува од нив, пишува „Вашингтон пост“.

Истражувањата не покажале дека мажите глобално се поромантични од жените, но во една студија од 1989 година, која разви скала на романтични убедувања, широко користена за мерење на тоа колку некој се согласува или не се согласува со романтични идеи како љубов на прв поглед, истражувачите забележале дека мажите генерално имаат поголема веројатност да поддржат романтични идеи и убедувања во споредба со жените.

Други истражувања сугерираат дека мажите имаат тенденција повеќе да тежнеат кон романтични односи и да имаат поголема корист од нив, дека први ја изговараат фразата „Те сакам“ и дека повеќе страдаат по загубена љубов. Сепак, резултатите на повеќето истражувања се ограничени, бидејќи главно се базираат на анкети за самооценка и се спроведени на помали подгрупи од целокупната популација.

Анализирајќи бројни психолошки и социолошки студии за родовите разлики во партнерските односи, истражувачите минатата година забележале дека едно од можните објаснувања може да биде тоа што мажите повеќе се потпираат на своите партнерки за емоционална поддршка и помалку бараат таква поддршка надвор од романтичните врски.

Фото: Pexels

Жените се извор на емоционална поддршка за мажите

Истражување од 2021 година покажало дека мажите значително помалку од жените ги споделуваат своите лични чувства или добиваат емоционална поддршка од пријателите.

И покрај истражувањата што укажуваат дека мажите имаат посилни романтични идеали, во општеството жените често се гледаат како поромантични. Психолозите сметаат дека причината за ова можеби е тоа што жените почесто себеси се доживуваат како поврзани со своите романтични партнери, посакуваат поголема блискост и поврзаност во врските и вложуваат повеќе напор во нивно одржување – размислуваат за врската, бараат социјална поддршка и иницираат разговори за односот.

Технички, ова не може да се нарече романтика, бидејќи романтиката се однесува на генералните верувања за љубовта, а не на постапките во романтичните врски. Верата во љубов на прв поглед или во тоа дека секој има една „вистинска љубов“ не зависи од тоа колку труд вложуваме во нашата реална врска секојдневно, истакнуваат експертите.

Фото: Pexels

И мажите и жените сакаат исти работи во партнерските врски

Иако постојат значајни разлики во начинот на кој мажите и жените размислуваат за романтичните односи, пристапуваат и влегуваат во нив, важно е да се запамети дека романтиката може да значи различни работи за различни парови.

Она што е најважно е дека и мажите и жените имаат тенденција да посакуваат исти работи во своите врски.

„Истите работи што ги прават мажите среќни, ги прават и жените среќни – да имаат некого што ќе ги поддржи, некого кому можат да му се обратат кога се успешни, некого што ќе биде со нив во тешки времиња, некого што ги возбудува и ги прави да се смеат“, нагласува психологот Пол Иствик, професор на Универзитетот во Калифорнија, Дејвис.

„Не постои ниту најмал доказ дека мажите и жените се разликуваат во степенот до кој им се важни овие нешта“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот