Филмот прикажува една дисторзирана перцепција на просторот, телото и времето

Експерименталниот филм „Лима“ на Батухан Ибрахим ќе има затворена проекција на 78. издание на Филмскиот фестивал во Кан

Македонскиот експериментален филм „Лима“ во режија на Батухан Ибрахим, годинава беше селектиран на „Short Film Corner“ на Канскиот филмски фестивал. Филмот ќе има и својата затворена проекција во Кан наменета за филмски дистрибутери и филмски селектори. Проекцијата е закажана за среда, 21 мај, во рамки на „SFC | Rendez-vous Industry“ на 78. издание на фестивалот.

„Лима“ е експериментален филм кој го следи патувањето на три силуети низ времето, низ просторот на поранешна Југославија, низ урнатини од заборавени спомени и скршена надеж. Играјќи си со спомените, минатото и трансформативната моќ на она што било и може да биде, филмот прикажува една дисторзирана перцепција на просторот, телото и времето. Препуштајќи се на ритамот на минатото, трите тела будат еден исчезнат, замрзнат во времето, свет кој пркосно одбива целосно да избледе од сеќавањето.

Батухан Ибрахим е филмски режисер и сценарист, магистер по филмска и ТВ режија при Факултетот за драмски уметности – УКИМ. Неговото творештво опфаќа кратки играни, експериментални и документарни филмови. Неговиот студентски филм „Twisted“ (2020) е прикажан на повеќе од 20 интернационални фестивали и е добитник на осум награди.

Независниот филм „Мавера“ (2023) доби специјално признание на ИФФК „Браќа Манаки“ и беше дел од неколку реномирани фестивали, вклучувајќи ја и официјалната селекција на филмскиот фестивал во Тирана. Во моментов работи на својот прв долгометражен игран филм, како и на неколку нови краткометражни проекти.

Во креативниот тим на филмот „Лима“, покрај режисерот Батухан Ибрахим, кој е и продуцент, се и Јасмина Билаловиќ и Ивана Балабанова како продуценти, копродуценти се Апофенија Пост и Стефан Ѓорѓиевски, директор на фотографија е Стефан Ѓорѓиевски, кореографијата е на Ивана Балабанова, асистент на режија е Марија Бошковска, а играат танчерките Тереза Лазарев, Стефани Шааршмит и Софи Ларсон. Костимите ги креираа Ивана Балабанова, Снежана Чоловиќ и Маја Ѓуреска, шминката е на Павел Маслов, фотографииите на сет ги направи Ања Калин, а видео на сет овозможи Мартин Михајлов („Марсбен продукција“).

Филмот е во продукција на КЦ „Медиа артес“, „Зенит Продукција“ и „Танц Бункер“. Проектот е реализиран со поддршка на Амбасадата на Швајцарија во РСМ и Агенцијата за развој и соработка на Швајцарија, Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, „Битрикс Културен Центар“, НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот