
ЕКСКЛУЗИВНО | Истражување на „Брима“: Каде оди Македонија?
Редовниот политички барометар на агенцијата „Брима“ за политичките ставови на населението во Република Северна Македонија во пресрет на локалните избори во државата е теренско истражување, спроведено во периодот од 27 август до 9 септември годинава на национално репрезентативен примерок (анкетата е направена според методот лице-в-лице, во домот на испитаникот), со запазаување на сите демографски карактеристики на популација од 18+ години во државата, во која се опфатени 1.201 испитаници. Резултатите се со маргина на грешка од +/- 2,8%.
Препорачано
На прашањето „Генерално земено, дали мислите дека работите во нашата земја се движат во правилна или погрешна насока?“, близу две третини од испитаниците (62%) насоката ја оценуваат како погрешна, додека за една третина (31.5%) насоката на движење е правилна. Останатите немале став или не сакале да го кажат.
Запрашани, гледано една година наназад, „Дали сметате дека економската ситуација во вашето домаќинство е подобра, скоро иста или полоша отколку пред една година?“, за 11,9% состојбите се подобриле, за речиси половина од испитаниците (48,9%) состојбите се исти како и лани, а за 35,8% ситуацијата се влошила. Занимливо, на следното, слично прашање за тоа како ја проектираат својата семејна ситуација, но во годината што доаѓа, повисок процент на испитаниците (17%) изразиле оптимистички став дека состојбата ќе им се подобри, за разлика од оние кои мислат дека ќе остане слична како и лани (47,2%) или дека ќе им се влоши (32,8%).