Екологистите реагираат: Не градете нови ски-центри

Скијање, Фото: Илустрација/ EPA-EFE/CHRISTIAN BRUNA

„Не градете нови ски-центри“, бараат од властите Светската организација за заштита на природата – WWF и Еко-свест по најавата на директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Дејан Павлески за планираната изградба на луксузни ски центри на Јабланица. Тие реагираат дека овие планови се во спротивност со заштитата на природата и со меѓународните стандарди. Екологистите бараат ревизија на предложените проекти кои се однесуваат на ски-центри во идни национални паркови и заштитени подрачја, како и да се направат алтернативни планови за одржлив туризам за што стојат им на располање на надлежните институции.

Павлески најави дека на Јабланица кај Струга и Вевчани, на Бушава планина кај Крушево и Македонски Брод, на Караџица кај Сопипште и Студеничани се планирани да се градат три нови луксузни скијачки центри кои би чинеле помеѓу 700 и 800 милиони евра. Целта на овие проекти, според Павлески била стимулирање на домашната економија и на меѓународниот и домашниот туризам.

Ќе се градат луксузни ски центри на Јабланица, Бушова планина и на Караџица

Еколошките организации се со став дека изградбата на нови ски-центри во земјава ќе биде скапа и финансиски неисплатлива инвестиција. Тие потсетуваат и дека многу држави во светот кои имаат развиени скијачки центри во изминативе три години поради климатските промени  претрпеа огромни финансиски загуби поради покачување на температурите и недостатокот на снег.

„Само пред две години, Споменикот на природа „Вечански извори“ кој се протега на 1370 хектари на планината Јабланица го доби својот План за управување кој овозможува активна заштита. Важноста на ова подрачје ја потврди и одлуката на Владата да ја прогласи планината Јабланица за национален парк. Потсетуваме дека во Планот за управување, пределот над Вевчани не е предвиден за изградба на ски центри и хотелски комплекси, а генерално, изградба на инфраструктура за масовен туризам не е дозволена“, се вели во писмената реакција на WWF и на Еко-Свест.

Екологистите потсетуваат дека една од препораките во последниот експертски извештај од бернската Конвенција за нашата земја е дека е потребно усогласување на просторните и секторските планови, особено за туризмот и урбаните населби со цел да се спречи понатамошна урбанизација и деградација во националните паркови и заштитените подрачја. Воедно, извештајот вели дека е потребно да се поттикнат одржливи, еколошки форми на туризам, кои се засноваат на стандардите на IUCN за туризмот во заштитените подрачја. Ставот на еколошките здруженија е дека не секоја инвестиција за масовен туризам за жал носи придобивки на локално ниво и за локалното население, иако така честопати се претставува од страна на властите и инвеститорите. Ваквите проекти, истакнуваат тие, носат приходи за големите компании кои профитираат на сметка на уништување на природата и локалните ресурси.

„Не смееме постојано да си дозволуваме непочитување на меѓународната заедница и ратификуваните конвенции и да одиме спротивно на овие препораки. Сите наши институции имаат еднаква одговорност да ги почитуваат овие препораки, а ваквите изјави се показател на некоординираност и неинформираност во системот“ изјави Ана Чоловиќ Лешоска, координаторка за политики за WWF Adria во Македонија.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот