Билјана Секуловска

Ех да имам, ко што немам

Иднина е онаква како што денеска изгледа Скопје под власта на Данела Арсовска – раскопана, еднонасочна, загадена, со прашина во устите и црнила во градите, тоа е нашата иднина во колапс. Жал ми е за коњот, што би рекол Балашевиќ. Белиот коњ на Груевски. Нека ни е лесна црната земја.

Не е сега важно како Груевски станал најпопуларниот политичар на анкетите. Инает, разочараност, сеирџиство, резигнација, што е сега тоа битно. Пораката е таа – многу блиску сме до доаѓање на Груевски на бел коњ, повторно да зајава и да доуништи сè што преостанало, сè што не завршил од минатиот пат. Никој тука не е наивен – секако дека преку Мицкоски му се отвораат широките патишта на Груевски.
Тоа е вистината, никој не е тука невин, ниту наивен – со години траат заканите на ВМРО-ДПМНЕ дека можеме да се простиме од НАТО, ЕУ, САД, од соседи, пријателство, од некаква конструктивна борба за државата. Зошто и Груевски тогаш не би се вратил како нивен најдобар избор, како заедничка победа. Отсекогаш прашањето е кој го има најдобриот коњ за трка, сеедно што во времето на Груевски не беше важно кој како гласа, туку кој ги брои гласовите.

Сумирано – станува збор за одличен проект на оваа партија, на кој пред една деценија се стресувавме, а денеска веќе со тивки чекори ни се притајува зад грб. Груевски сега е вистинското лице на државата, во што многу лесно можеме да се претвориме, како со стрелка на саат да се вратиме сите со него.

Изборот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалничка на Скопје – Данела Арсовска – е вистинскиот одговор каква иднина може допрва да претстои. Затоа што така изгледа иднината на државата, со белите кадрици на коњот на кој Груевски јава и задишано се појавува, додека Мицкоски го пречекува и заедно ја бакнуваат кутрата оваа земја што ги примила.

Таа иднина е онаква како што денеска изгледа Скопје под власта на Данела Арсовска – раскопана, еднонасочна, загадена, со прашина во устите и црнила во градите, тоа е нашата иднина во колапс. Жал ми е за коњот, што би рекол Балашевиќ. Белиот коњ на Груевски. Нека ни е лесна црната земја.

Авторката е новинарка

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот