Ќе се сретнат ли Блинкен и Лавров во дипломатскиот центар на светот?

На најголемиот светски политичко-безбедносен настан Министерскиот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) што ќе се одржи во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ се очекуваат делегации на ниво на министри за надворешни работи од над 70 држави, односно од 57 земји членки на ОБСЕ и од земји партнери од Медитеранската и од Азиската група

Скопје утре, задутре и в петок ќе биде домаќин на најголемиот светски политичко-безбедносен настан Министерскиот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) што ќе се одржи во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ на која се очекуваат високи делегации на ниво на министри за надворешни работи од над 70 држави, односно од 57 земји членки на ОБСЕ и од земји партнери од Медитеранската и од Азиската група. Светско внимание привлекува фактот дека на едно место во исто време ќе бидат државниот секретар на САД Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, па масовно се шпекулира дали ќе дојде до нивна средба, што би била првата таква помеѓу САД и Русија по руската агресија врз Украина во февруари 2022 година. Според официјалните изјави и од руската и од американската страна, таква средба ќе нема, но ништо не е исклучено. По руската агресија официјалните претставници на САД избегнуваат комуникации со руските колеги. Лавров и Блинкен се сретнаа само еднаш, кратко, на Самитот Г-20 годинава во март.

Украинскиот министер за надворешни работи Димитри Кулеба, пак, одби да присуствува на самитот откако беше потврдено учеството на Лавров, но ќе дојдат претставници од украинското МНР. По откажувањето на Украина, од истите причини се откажаа и Естонија, Летонија и Литванија, затоа што претходно Русија и Белорусија ја спречија кандидатурата на Естонија за претседавање со ОБСЕ во 2024 година, па беше предложена Малта како компромисен кандидат, што во балтичките држави се смета за „руски триумф“.

Главни ѕвезди Блинкен и Лавров

На Министерскиот совет треба да се донесат суштински одлуки за иднината на ОБСЕ од кои зависи опстанокот на оваа организација, формирана по Втората светска војна со цел да ги амортизира тензиите на релација Исток-Запад. Потребно е да се избере Малта за иден ротирачки претседавач, но останува да се постигне консензус за идните четворица извршни лидери на ОБСЕ – генерален секретар, директор за демократски институции и човекови права, комесар за малцинства и претставник за слобода на медиумите.
Рускиот министер Лавров во Москва на прес-конференција рече дека шансите да се спаси ОБСЕ се мали.

– Македонија нè покани на Советот на министри за надворешни работи на ОБСЕ. Ќе видиме како ќе комуницираат. Веќе има неколку барања за средби, вклучително и од западни претставници. Се разбира, ќе се сретнеме со сите. ОБСЕ сè уште може да се обидеме да го спасиме, но да бидам искрен, шансите за тоа се мали – рече Лавров.

Министерскиот состанок на ОБСЕ ќе почне утревечер со неформална вечера на министрите за надворешни работи, што ќе се одржи во еден скопски хотел, по што во четврток е главниот работен состанок, а во петок ќе се одржи завршната прес-конференција.
Американскиот шеф на дипломатијата Блинкен на Самитот ќе зборува за улогата на Организацијата во промовирањето на безбедноста во регионот и ќе се заблагодари на Македонија за нејзината лидерска улога.

– Во текот на посетата на Северна Македонија државниот секретар ќе се ангажира со колегите од ОБСЕ за реафирмација на цврстите заложби на САД во ОБСЕ и главната мисија на организацијата да промовира безбедност, стабилност и соработка меѓу државите, со посебен акцент на човековите права и мирно решавање на споровите – рече портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

Помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Џејмс О’Брајан, пак, брифираше дека Блинкен ќе зборува и за подршката на САД и сојузниците за Украина.

Османи: Изборот на Малта не е руска победа

Бриселскиот портал „Политико“ пишува дека веста за прелиминарниот договор за избор на Малта за нов претседавач се соочува со критики во Балтикот и во Украина. Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој како актуелен претседавач со ОБСЕ посредуваше во договорот, за „Политико“ рече дека не го смета компромисот како победа за Русија. Тој вели дека ги испробал сите можни решенија и првично целосно ја поддржал Естонија, но морал да најде компромисен кандидат.

– Победивме, демократскиот свет, оние кои го следат меѓународниот поредок заснован на правила. И со овој договор организацијата е безбедна – рече Османи.

Организацијата се соочи со критики во Брисел дека ја надживеала својата цел и не успеала да ја спречи војната во Украина, но неколку официјални претставници, вклучително и Османи, инсистираа дека ОБСЕ може да одигра клучна улога во следењето на каков било потенцијален прекин на огнот или мировен договор.

– Мислам дека ОБСЕ ќе биде таа што ќе влезе ако има мир во Украина – рече Османи за бриселскиот медиум.

На прашањето кој ќе се сретне со Лавров, со оглед дека шефот на руската дипломатија тврдеше дека некои западни земји побарале да се сретнат со него додека ќе биде во Скопје, Османи одби да го открие дневниот ред, додава „Политико“.

Скопје под силно обезбедување

За безбедноста во Скопје во наредниоте денови ќе се грижи полицијата, но и армијата која ќе учествува во транспортирањето на високите гости од аеродромот до градот. За целиот државен врв фокусот е ставен на гарантирање на безбедноста на делегациите и успешна реализација на состанокот.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека за самитот е предвиден трет степен на безбедност. Ќе бидат затворени за сообраќај дел од главните градски улици што водат кон СРЦ „Борис Трајковски“.

– Ќе има отежнато движење, посебно во Центар и во Карпош, таму каде што ќе се одржува целиот настан. Апелираме до граѓаните пред се на трпение и да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат службените лица, заради тоа што е добро за сите нас и е добро за безбедно одвивање на целиот овој настан. Нема да има целосно затворање на улиците, туку во одредени интервали, а граѓаните и покрај отежнатото движење ќе можат да си ги завршуваат своите обврски – рече Спасовски.

За организација на настанот е формиран посебен тим во кој се вклучени повеќе владини институции, а според Спасовски подготовката за самитот трае цела година.

– Тоа е една опсежна акција која треба да ја спроведеме од безбедносен аспект и целосно сме подготвени сите служби. Јас очекувам дека се ќе помине во најдобар можен ред – рече министерот за внатрешни работи.

Голема можност за афирмација на државата

Советот на амбасадори соопшти дека високо ги цени активностите на Владата, МНР, МВР и останатите државни институции, кои што преземаат сѐ со цел успешно одржување на 30-от Министерски состанок на ОБСЕ.

– Улогата и значењето на ОБСЕ е особено истакната во контекст на напрегнатата геополитичка состојба на безбедносен план, предизвикана од воените дејствија во Украина и Израел и ризикот од нивно прелевање во други држави или региони. Оттука, ОБСЕ и сите членки на организацијата, а особено претседавачот и државата што ќе го наследи, мораат да вложат интензивни напори за ревитализација и зајакнување на ефективноста и ефикасноста на организацијата и за актуелизација на нејзината улога на спречувач на конфликти или медијатор, олеснувач или помирувач на спротивставените држави – наведуваат од Советот на амбасадори.

Од Советот оценуваат дека организацијата на настан од вакви размери што ја има Северна Македонија како актуелен претседавач со ОБСЕ ќе биде можност за афирмација на државата и нејзините демократски и организациски капацитети.

– Имајќи го предвид значењето на самиот собир на министри за надворешни работи и на други делегации, вкупно околу седумдесет, Скопје и целата држава деновиве ќе бидат предмет на интерес на голем број новинари, информативни медиуми, политичари и граѓани на Европа и од светот. Успешната организација на настан од вакви размери ќе придонесе за афирмација на демократските и организациските капацитети на Република Северна Македонија и ќе биде заслуга на сите граѓани – се вели во соопштението на Советот на амбасадори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот