ДЗР: ЈКП „Водовод Битола“ има викендица во Претор проценета на 65 денари и загуба на вода за пиење од 59 отсто

Фото: Слободен печат

Количината на произведена вода значително отстапува од количината на фактурирана вода, набавени, а неупотребени водомери, викенд куќа во Претор проценета на само 65 денари, недоволно превземени мерки за анализа, немање на реализација на проекти и енормна загуба на вода се само дел од неправилностите кои ги утврдил Државниот завод за ревизија за работењето на ЈКП „Водовод Битола“.

Во 2022 година производството на вода изнесува 14.581.566 м3 и во однос на претходната година има зголемување, додека наплатата е намалена.

Ревизорите утврдиле дека за 4 години процентот на потрошена, а ненаплатена вода е 59 одсто. Јавното претпријатие освен загубите на вода нема усвоено плански документи и мерки со кои би се намалила загубата на вода. Исто така има помалку пресметан ДДВ, помалку пресметан надомест за плаќање на вода кои претставуваат директни приходи во Буџетот- стои во Извештајот.

Ревизијата утврдила дека во финансиските извештаи на Јавното претпријатие искажани се приходи од продажба на производи и услуги во висина од скоро 3,6 милиони евра, но ревизијата не била во можност да ја потврди веродостојноста и точноста на истите .

-Дел од приходите се остваруваат по цени кои не се одобрени од надлежни органи, недостасува документација, нема пресметано камата за задоцнето плаќање, одобрени се попусти без согласност на Управниот Одбор и нема контрола на остварените приходи- стои во Извештајот.

Според истиот, има неправилности и со вкупните залихи. Набавени се прекумерни залихи, потрошени се многу пари, а дел од нив се застарени.

– Од вкупните залихи на суровини и материјали кои изнесуваат 1,3 милиони евра, околу 346.000 или 27 отсто се набавени пред пет години и истите не се искористени, па постои можност да немаат употребна вредност. Најголем дел на залихата отпаѓа на набавка на водомери- велат ревизорите.

Јавното претпријатие располага со имот на викендица во Претор која ја нема во материјалната евиденција, а во сметководствената евиденција е со вредност од 65 денари.

За консултантски услуги претпријатието дало 66.000 евра за 4 години. ЈКП „Водовод Битола“ има евидентирано земјиште во вредност од 1,4 милиони евра, но нема документација и целосно обезбедени имоти листови. Градежните објекти се проценети на 4,2 милиони евра, а половина од нив не се запишани во Катастар.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот