Насловна корица на книгата „Изреченото нѐ прогонува“

Двојазичното издание „Изреченото нѐ прогонува“ на поетот Никола Маџиров е објавено во Италија

Италијанската издавачка куќа „Крочети Едиторе“ ја објави поетската книга „Изреченото нѐ прогонува“ на Никола Маџиров на италијански јазик. Книгата содржи избор од неговото поетско творештво и објавена е во рамките на поетската едиција на италијанскиот издавач со седиште во Милано на 1 април, заедно со поезијата на Волт Витман.

Во истата едиција се објавени и книгите на венцоносците од Струшките вечери на поезијата Јехуда Амихај, Јанис Рицос, Керол Ен Дафи, Махмуд Дарвиш и добитниците на Нобеловата награда – Томас Транстромер, Јон Фосе, Одисеас Елитис, Сен-Џон Перс, како и избори од поезијата на Рилке, Бодлер, Кавафис, Томас Бернхард, Ен Карсон, Дилан Томас, Сеферис, Емили Дикинсон, Борис Пастернак и др.

Италијанските списанија за култура и литература „Ил Манифесто“ и „Пангеа“ објавија интервјуа со Никола Маџиров, а првата промоција на книгата „Изреченото нѐ прогонува“ проследена со поетско читање се одржа на 4 април во рамки на меѓународниот фестивал за литература „Inroci di Civilta“ во Венеција, каде што почесен гостин е Ханиф Курејши. Книгата ќе биде претставена и на неколку други фестивали и универзитети во Италија и во Швајцарија во текот на оваа година.

Никола Маџиров е најмладиот современ странски автор објавен во поетската едиција на „Крочети Едиторе“, а книгата „Изреченото нѐ прогонува“ е двојазично издание и содржи песни на италијански и на македонски јазик.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 276, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 12-13.4.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот