Издавач на книгата е РСМ НУ Македонски народен театар

Две верзии на драмскиот текст „Иванов“ од Чехов се преведени на македонски јазик

Македонскиот народен театар на 2 април ја промовираше книгата „Иванов 1887/1889: две верзии“ од Антон П. Чехов. Во промоцијата на делото учествуваа главниот уредник на книгата Зоја Бузалковска, која е режисерка и на претставата „Иванов“ што е на репертоарот на МНТ, преведувачката на книгата од руски јазик Драгица Најческа, актерот Ѓорѓи Јолевски и писателот Гоце Смилевски. Издавач на книгата е РСМ НУ Македонски народен театар.

Режисерката Зоја Бузалковска на промоцијата ја откри потребата да бидат преведени двете верзии на текстот „Иванов“, како и соработниците со кои работела во подготовките на книгата за објава. Првата верзија на комедијата „Иванов“ ја открила како резултат на истражувањата што ги направила при поставувањето на драмата „Иванов“ на сцената на МНТ.

Објасни и дека самиот Чехов ги направил двете верзии на текстот, бидејќи по поставувањето на комедијата „Иванов“ во 1887 година имало драматични реакции на тогашната критика, како и на стручната, театарска и на обичната публика. Затоа ја направил втората верзија како драма поставена во 1889 година.

Преведувачката на текстовите Драгица Најческа истакна дека секој превод на драмски текст е многу специфичен и дека треба да се внимава не само на значењето на зборот, туку и како тој збор ќе звучи кога ќе биде изговорен на сцена.

Актерот Ѓорѓи Јолевски ги потврди тезите на Најческа низ сопственото искуство, бидејќи игра во претставата „Иванов“ во МНТ, додавајќи дека репликите на сцена не само што имаат вистинско значење, туку имаат и ритам.

Писателот Гоце Смилевски направи компаративна анализа на творештвото на Чехов, а даде и осврт кон претставата во режија на Зоја Бузалковска.

Сцена од претставата „Иванов“ / Фотографија: Кире Галевски

Со ова драгоцено издание на „Иванов“, комедијата од 1887 година, и „Иванов“, драмата од 1889 година, во одличниот, лесно читлив, но и изговорлив превод на Драгица Најческа, многу нови, идни постановки и драматуршко-режисерски читања на оваа пиеса стануваат возможни и веројатни.

Изданието, бездруго, ќе иницира и понатамошни анализи на драматуршката постапка во правењето суштински промени на еден, кон крајот на XIX век навидум кревок, a денес толку поставуван, игран, посакуван, секогаш одново актуелен, многуслоен драмски материјал.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 225, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот