Фото „Слободен печат“ / Драган Митрески
Фото „Слободен печат“ / Драган Митрески

Дувло на измамници „исцеди“ картички на 1091 Македонци со СМС-пораки небаре од „Пошти“

Дали можеби сте добиле порака од чуден телефонски број во која се наведува дека пакетот е на пат? А, за да го добиете, треба да кликнете на линкот и да пополните формулар во кој е побарана вашата банкарска картичка? Само неколку секунди ве делат од тоа да бидете измамени. Вкупно 1091 македонски државјани наседнале на лажните смс-пораки во кои минатата 2024 година беше злоупотребена „Македонска пошта“ и на измамниците им ги дале броевите на своите банкарски картички, а дел од нив и кодовите за двојна автентикација со што им овозможиле да им ги испразнат сметките, покажува истражувањето на Јавниот сервис на Норвешка „НРК“.

Новинарите стапиле во контакт со двајца ИТ-експерти кои што успеале да се инфилтрираат во внатрешниот систем на измамниците, да прочитаат 40 илјади пораки во нивната интерна група на апликацијата „Телеграм“, но и во реално време да гледаат како луѓето ширум целиот свет, а вклучително и од Македонија наседнуваат на измамата.

Фотографија од лажните-смс пораки кои им стигнуваа на македонските граѓани

ИТ-експертите гледале како илјадници луѓе ширум светот во исто време ги оставаат своите банкарски податоци, притоа овозможувајќи им на измамниците да ги внесуваат нивните податоци во онлајн паричници и потоа да пазарат луксузни стоки – прстени од 25 илјади евра од „Булгари“, бесни автомобили „Крајслер“, десетици пара чевли „Валентино“ но и да летуваат во луксузни одморалишта. Со вакви фотографии од својот богат плен здобиен со фишинг пораките, измамниците се фалеле меѓу себе и си давале совети каде „риболовот“ е најдобар во одреден временски период, односно во кои држави луѓето најмногу наседнуваат на лажните пораки.

Истражувачката приказна на „Јавниот сервис на Норвешка НРК“ покажува дека жртвите од Македонија вкупно 22.692 пати кликнале на линкот во пораките, 1091 од нив ги внеле податоците од банкарските картички а 576 го внеле и кодот за двојна автентикација во формуларот, кој потоа отишол во рацете на подмолните измамници.

Според истражувањето на „НРК“, софтверот користен во оваа операција се вика „Меџик кет“ изработен е во Кина и претставува софтвер за криминалот како услуга. Тој се користел за собирање информации од кредитни картички во голем обем. За само седум месеци, софтверот собрал информации за 884 илјади картички ширум светот.

„Меџик Кет“ им овозможува на измамниците да изберат меѓу 300 уникатни веб-страници кои се претставуваат како добро познати брендови – меѓу нив и националните пошти на државите, во кои што граѓаните имаат доверба, кои се кредибилни и постојат со децении. Но, роботизирани станици истовремено испраќаат илјадници вакви пораки преку стотици мобилни уреди, а секогаш кога жртвата ќе прифати да ги внесе своите банкарски податоци – тоа го гледаат измамниците. Потоа користејќи ги податоците, самите ги празнат овие картички и го поткрепуваат својот развратен животен стил.

Групата на „Телеграм“ имала неколку стотици членови кои споделувале видеа од мобилни телефони кои испраќаат лажни пораки. Исто така, покажувале терминали за картички како и слики од луксузните стоки што ги купувале.  Во групата, членовите дискутирале и за стратегии за измама на што е можно повеќе луѓе. Тие ги нарекувале оние што биле измамени „риби“ и си кажуваа едни на други каде касаат рибите во моментот.

-Тајланд е добро место за риболов. Денес испратив 20 до 30 илјади текстуални пораки. Каде што има многу риби, има и многу пари, гласи една од пораките во „Телеграм“ групата на измамниците.

Конкретно во Норвешка, каде компјутерските експерти ја разоткрија и успеаа да влезат во фабриката за измами преку задната врата наодите се дека цели 13 милиони пати некој кликнал на линкот во измамничката порака ширум светот. вкупно 884 илјади картички биле собрани од луѓе ширум целиот свет, што ја прави измамата со „Меџик Кет“ исклучително малициозна и опасна во светот на сајбер-криминалот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот