Дупка во законот ги остави жените земјоделки без породилно и болничко боледување

Фото: Архива

Жените регистрирани како индивидуални земјоделки немаат право на платено породилно отсуство. Васка Мојсовска, претседател на Националната федерација на фармери, за „Слободен печат“ објаснува дека тие си плаќаат здравствено и пензиско осигурување, но не поминуваат плата, туку се алиментираат од приходите што ги остваруваат, но кога станува збор за платено породилно боледување, тоа не им следува.

– Се работи за дупка во законот стара најмалку петнаесетина година и за која постојано ги алармираме институциите, бидејќи вака како што е сега жените земјоделки се посебно дискриминирани од другите жени работнички. Ова драстично им го зголемува нивниот товар во репродуктивната, социјалната и економската сфера – нагласува Мојсовска.

„Слободен печат“ се интересираше во Министерството за труд и социјална политика, дали со најновите измени на Законот за работни односи е предвидено користење платено породилно отсуство и за жените регистрирани како индивидуални земјоделки?

– Со новиот Закон за работните односи кој подолг период е во подготовка заедно со социјалните партнери и со други засегнати страни, во посебно поглавје се уредуваат прашањата за мајчинското, татковското и родителското отсуство. Овие прашања се уредуваат на начин со кој се врши усогласување со најновата меѓународна регулатива за оваа област. Со Законот за работните односи се утврдуваат правата на родителите на отсуства од работа во врска со бременост, раѓање и грижа на дете, односно се утврдува дека тие имаат права на платени отсуства во наведените случаи. Начинот и условот за користење на платеното отсуство, односно надоместокот на плата се регулираат со Законот за здравствено осигурување и доколку се јави потреба, истиот Закон соодветно ќе се усогласи со предвидените промени во Законот за работните односи во однос на овие отсуства – информираа од МТСП.

Според Единствениот регистер на земјоделски стопанства, бројот на регистрирани жени-носители на земјоделски стопанства постојано расте. Во 2019 година биле регистрирани 36.048 жени, денес тој број изнесува 38.241, што значи зголемување за 2.193 жени, кои регистрирале земјоделско стопанство. Но, голем дел од жените во земјоделскиот сектор не се пријавени како индивидуални земјоделки, не плаќаат пензиско и здравствено осигурување. Последното истражување на „Агролидер“ е дека од 400 жени земјоделки во пелагонискиот регион, само 2 отсто имаат можност на платено породилно отсуство.

Мојсовска сугерира уште еден голем проблем, а тоа е дека регистрираните земјоделци и мажи и жени, не може да користат и платено болничко боледување, иако се изложени на чести повреди.

– Ако, не дај Боже, скршите рака или ви се случи некоја друга физичка повреда, немате право на платено болничко боледување. Значи и покрај платениот здравствен и пензиски придонес, болничкото боледување не ви следува и тоа треба да го платите од џеб од приходите кои ги остварувате од земјоделието, кои пак се сведени на 0, бидејќи не сте во можност да работите. Како Федерација неколкупати сме го истакнале проблемот, но засега нема ништо на тој план – вели Мојсовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот