Ер Србија/ Фото: МИА

Државите од регионот организираат летови за своите граѓани заглавени во Израел, Ер Србија со најмногу летови

Владите во регионот од вчера во попладневните часови ја започнаа евакуацијата на своите граѓани затекнати во воените дејства во Израел. Во Белград утрово пристигна и третиот авион со евакуирани српски државјани од Израел.

Летот на третиот Ербас на Ер Србија беше организиран и за сите државјани кои имале карти од други компании, а чии летови во меѓувреме се откажани.

„За денеска се очекува лет од аеродромот Бен Гурион до аеродромот Никола Тесла. Утре уште еден, така што летови на Ер Србија. Нема најавено откажување. Има уште неколку авиокомпании кои продолжуваат да летаат, доколку имаат летови за поврзување до Белград или Ниш. Така се и можност за нашите преостанати граѓани кои се заинтересирани да го напуштат Израел“, изјави почесниот конзул на Србија во Израел, Александар Николиќ.

Тој за српските медиуми денеска изјави дека во неколку кибуци во Израел се уште има српски жители и нерезиденти, но дека постепено се евакуираат, а во Универзитетската клиничка болница во Тел Авив со полесни повреди се лекува еден српски државјанин.

Николиќ додаде дека покрај аеродромот функционираат и копнени меѓународни премини со Египет и Јордан.

Ноќеска во 01.30 часот Вториот авион со евакуирани српски државјани од Израел синоќа во 01.30 часот слета на аеродромот Никола Тесла во Белград со 127 патници кои два дена беа заглавени на аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив. Во Израел беа заглавени ученици од Нишката богословија кои таму беа на екскурзија и во посета на светите места.

Хамас објави дека извршил ракетирање на аеродромот синоќа кратко по полетувањето на авионот на „Ер Србија“ на вонредниот лет.

Авионот на албанската влада синоќа донесе од Тел Авив 40 патници, меѓу кои освен албански државјани имаше и косовски и македонски државјани. Албанската влада најави нови летови доколку има потреба за евакуација на албански државјани од военото подрајче.

Според проценките на македонското МНР во Израел престојуваат меѓу 100 и 200 македонски државјани, кои МНР очекува да се пријават, или да бидат пријавени од нивните блиски во контакт центрите.

Софија најави втор лет до Тел Авив откако вчера пристигна првата група бугарски државјани заглавени во главниот град на Израел. Слетаа 92 Бугари и еден Хрват, а за втората група се пријавени 68 лица, од две групи – едната е на стоматолози кои биле на конференцијата, а другата група се туристи, јавуваат бугарските медиуми.

Екипите на бугарската амбасада во Израел ги собираат луѓето кои сакаат да си одат дома со овој лет, рече министерот за транспорт на Бугарија Гвоздејков.

-Тој додаде дека имало 68 пријавени за евакуација, а авионот има капацитет да превезе вкупно 90 луѓе. Што и да е потребно, ќе направиме, увери министерот за транспорт. Тој додаде дека земјите-членки на ЕУ изразиле желба да ги евакуираат своите граѓани со бугарскиот авион.

Грчкото Министерство за надворешни работи преку Амбасадата на Грција во Тел Авив и Генералниот конзулат во Ерусалим е во постојан контакт со грчките посетители кои се во околината.

Од евидентираните 149 лица, 81, кои беа дел од две организирани тури, синоќа полетаа кон Атина со редовен лет.

За преостанатите грчки државјани, грчката влада прави напор за нивното враќање безбедно враќање што поскоро.

Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ вчера најави дека авионот на црногорската компанија To Montenegro е подготвен да оди да ги земе црногорските државјани во Израел.

Абазовиќ на Фејсбук објави дека владата на Црна Гора и Министерството за надворешни работи се во контакт со црногорските граѓани во Израел и со почесниот конзул на Црна Гора Нимрод Ринот и дека подготвуваат список на потенцијални патници кои се во таа земја.

„Утрово заедно со нашата национална компанија To Montenegro договоривме заеднички активности за евакуација на нашите граѓани поради нарушување на безбедносната ситуација во Израел. Ги задолжив сите надлежни институции приоритетно да дејствуваат со цел евакуација на нашите граѓани и заштита нивната лична безбедност“, напиша Абазовиќ на Фејсбук. Според информациите од црногорската влада, авионот за преземање на црногорските државјани во Израел треба да полета во понеделник.

Министерството за надворешни и европски работи на Република Хрватска соопшти дека интензивно работи на изнаоѓање решение за репатријација на нивните граѓани во Хрватска. Ситуацијата е многу предизвикувачка и се менува – патничкиот авиосообраќај во Тел Авив е суспендиран, додека премините преку граничните премини со Јордан се ограничени, објаснуваат тие.

Министерството за надворешни работи на РХ им препорачува на хрватските граѓани да не го напуштаат своето засолниште додека состојбата не се стабилизира и додека не се најде можност за репатријација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот