Државен завод за ревизија: Нема сигурност во обезбедување струја на долг рок

Струја, далноводи / фото: EPA-EFE / MARTIN DIVISEK

Резервите на јаглен (лигнит) во нашата земја се ограничени и изнесуваат околу 100 милиони тони во новите рудници и постојано се намалуваат, се проценува дека резервите се доволни за обезбедување електрична енергија за следните 14 години

Мерките и активностите што се преземаат од надлежните институции во енергетскиот сектор не се доволно ефикасни за да обезбедат сигурност и одржливост во обезбедувањето струја на долг рок, констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР) во најновиот Извештај на ревизија на успешност „Подготвеноста на енергетскиот систем да се справи со енергетска криза“.

Државата располага со ограничени необновливи енергетски ресурси и застарени капацитети, кои не можат да обезбедат стабилност во производство на електрична енергија (ЕЕ).

Тоа ја прави државата увозно зависна, а со што е под директно влијание на цените на енергенсите и на ЕЕ на отворениот пазар, што посебно неповолно се одрази за време на енергетската криза. Во насока на остварување на преземените меѓународни обврски и обезбедување „зелена енергија‘‘, преземени се мерки и активности за зголемување на учеството на ОИЕ во вкупно произведена ЕЕ, но овие процеси се одвиваат без прецизни плански активности, со административни ограничувања и забавено темпо, забележува ревизорот.

Сепак, треба да се земе предвид дека ова е извештај за период од 2019 до 2022 година, но некои податоци се и подоцнежни, а експанзијата на обновливите извори се случува во последнава година.

Ревизорите забележуваат дека основното производство на ЕЕ во последните 40 години е од ТЕЦ на јаглен од домашни резерви, за што годишно се трошат околу 7 милиони тони јаглен.

„Имајќи предвид дека, резервите на јаглен (лигнит) во нашата земја се ограничени и изнесуваат околу 100 милиони тони во новите рудници и постојано се намалуваат, се проценува дека резервите се доволни за обезбедување ЕЕ за следните 14 години. Од друга страна, декарбонизацијата во енергетскиот сектор претставува преземена меѓународна обврска, така што производството на ЕЕ од јаглен треба да се напушти и постепено да се воведува нова т.н. базна енергија, која во интеграција со ЕЕ произведена од обновливи извор на енергија треба да го зголеми домашното производство, да ги намали набавките (увозот) на ЕЕ и истовремено да ги задоволи потребите на корисниците“, пишува во Извештајот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот