
Драстично поскапе приклучокот на гасоводната мрежа во Куманово, сега чини 1.260 евра
Јавното претпријатие „Куманово гас“ ќе ја зголеми цената за приклучок на гасоводната мрежа, одлучија советниците на денешната седница. Цената за приклучокот ќе се зголеми за 55 проценти. Надлежните од претпријатието велат дека се одлучиле за непопуларната мерка поради високите набавни цени на деловите за приклучок, пишува „Куманово њуз“.
Препорачано
– Направивме детална анализа за куќен приклучок за последниве три години како се движи цената за деловите кои се монтираат. Ние мора да излеземе во оваа одлука за да не бележи загуба претпријатието. Цената ќе се зголеми од 800 на 1.250 евра, и е навистина висока. Затоа апелираме до сите, да се изнајде можности, општината да надомести со субвенции, за да граѓаните не ја почувствуваат драстичната разлика, рече директорот на ЈП, Марко Митровски.
Советничката Атина Мургашанска од СДСМ рече дека опозицијата нема да го подржи предлогот.
– Сметам дека ваков огромен скок од повеќе од 50 посто е навистина неприфатлив. Постојано говориме дека сме пионери во гасификацијата, како еколошки пооправдано гориво, а сега и онака малкуте расположените граѓани на ваков начин да ги деморализираме и нема да сакаат да се приклучат, рече Мургашанска.
Митровски посочи дека претпријатието имало вработувања во делот на даватели на услуги, додека бројката на администрацијата останала иста. Тој потсети на лошата енергетска година кога цената на природниот гас скокна значително и речиси сите субјекти се префрлија на други енергенси за загревање.