
Драмскиот театар во Скопје ја отвори својата сцена за гостувања на независната театарска продукција
Драмски театар Скопје оваа недела, од 6 до 9 март, овозможува гостувања на претстави на четири ансамбли на својата сцена. На 6 март, во 20 часот, гостува театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес со претставата „Нема струја за електричниот стол“ од Александар Секулов во режија на Дејан Пројковски. Улогите ги толкуваат Васил Зафирчев и Исидор Јовановски.
Препорачано
Традиционалната поддршка на Драмски театар Скопје на колегите од независната сцена продолжува и оваа година. Во првиот циклус оваа сезона настапуваат три независни театарски ансамбли. Сите претстави почнуваат во 20 часот.
Во четврток, на 7 март, ќе се претстави независниот театар „Штрих“ со претставата „Вилицата на Ибен Бајерс“. Улогите ги играат актерите Марјан Наумов, Гоце Андонов, Благојчо Стојанов, Ава Хусеини, Томислав Давидовски, Катерина Јовановиќ, Ана Грамосли и Јанка Лефкова. Текстот на претставата е на авторот Филип Грујиќ. Режисер е Борис Василески.
Театарот „Златен Елец“ се претставува во петок, 8 март, со претставата „Кенди“, поставена според истоименото дело на Лук Дејвис. Адаптацијата и режијата е на Тамара Стојаноска, а улогите ги играат Лео Поповиќ и Бобан Алексоски.

Во сабота, на 9 март, е претставата „Бура и продор“ на групата „Стурм унд дранг“. Теа Беговска е автор и режисер, а настапуваат Илин Јовановски, Дениз Рустеми, Бојан Лазаров, Миа Кантарџиева Петровска, Тодор Стојковски и Дин Ибрахим.
Од Драмски театар информираат дека интересот на публиката за гостувањата е голем и со тоа ги покануваат и охрабруваат и останатите професионални ансамбли и театри од независната сцена за соработка и гостувања во оваа и наредните театарски сезони.