Актерката Сања Арсовска ја игра главната улога во „Хеда Габлер“

Драмски театар Скопје со претставата „Хеда Габлер“ гостува на фестивалот РУТА во Тиват

Драмски театар со претставата „Хеда Габлер“ на 8 април ќе гостува во Тиват, Црна Гора. Од 7 до 12 април во организација на Центарот за култура во Тиват се одржува црногорското издание на регионалниот театарски фестивал РУТА.

Премиерата на „Хеда Габлер“ беше на 20 април 2024. Гостувањето во Тиват ќе биде 12 изведба на претставата и второ гостување вон матичната сцена. Драмски театар со оваа претстава гостуваше на РУТА во Сараево во мај 2024 година и на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во јуни 2024 година.

„Хеда Габлер“ е работена по текст на авторот Хенрик Ибзен. Режисер на претставата е Васил Христов, адаптацијата е на Викторија Рангелова Петровска и Васил Христов. Сценограф на претставата е Васил Христов, а костимите се на костимографката Розе Трајческа-Ристовска.

Улогите ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Хеда Габлер Тесман – Сања Арсовска, Судијата Брак – Зоран Љутков, Јерген Тесман – Владимир Петровиќ, Ејлерт Левборг – Дениз Абдула и ликот на Теа Тесман го игра актерката Сара Климоска.

Режисерот Васил Христов во програмската белешка за претставата го истакнува следното: „Во 1890 година Хенрик Ибзен ја скандализира театарската јавност и воопшто естаблишментот, создавајќи уште еден женски лик кој отстапува од востановените општествени норми. Хеда Габлер, како една од најпознатите (анти)хероини во драмската литература, одигрува значајна улога во подигнување на свеста за женските прашања. Ибзен создава женски лик кој одбива да живее и да им служи на конвенциите на патријархалното општество. Нејзината борба за автономност и потрага по совршенство, како и нејзината амбиција да поседува „машка моќ“ да може да влијае како врз сопствената, така и врз судбината на другите, резултира со убиство на самото совршенство. Нејзиниот чин остава трага која ја симболизира борбата за родови права и еднаквост“.

Претставата е на редовниот репертоар во Драмски театар и наредната изведба ќе биде на 24 април 2025 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот